ЦИВИЛ Медиа разговараше и со директорот на затворот Идризово, Боби Мојсоски, за условите во затворот и она што може да се види до фотографиите што ни ги испратија затворениците.
„Не, јас сега можам да го демантирам ова. Значи, не е спорно дека вo еден дел од затворот, за кој има план да се затвори, а тоа се 2. и 5. крило, каде условите се реално полоши. Во моментов, имаме и добра страна, кај што беа најлошите услови за живеење на затворенците, Старачко, Сколарци – тие делови сега се рушат. По европски стандарди, направивме два објекта каде полуотворено и на отворено во моментот живеат преку 250-260 затвореници. Кај нас дојде време во Идризово да имаме вишок кревети. Пак ќе кажам, не е спорно, во тие делови условите се полоши, но секако останува планот, во 2020 година, оние делови на 2. и 5. крило што не се реновирани, да бидат затворени“, изјави Мојсоски.
Тој појасни дека има доволно капацитет и дека се подобрени условите за престој на затворениците, иако две крила се реновриани, но не и адаптирани.
„Во моментов, во тој дел, капацитетот не е преполн, уште има места, според правилата на меѓународниот Комитет за превенција од тортура, од каде што имавме забелешки токму за тие делови од установата. Со последниот извештај, се бележи и тоа дека од 2016 до 2019 нагло се подобрени условите. Во тие делови сѐ уште има слободни легла и нема потреба некој да плаќа за легла. Такво нешто сега веќе нема овде. Во моментов, Идризово е паднат на бројка под 1.200 затвореници, а порано имаше над 1.900. Отворени се два нови капацитети со 550 нови легла, каде имаме и подно греење и ладење, со телевизор, туш кабина во секоја соба. Во 2. и 5. крило има 200 затвореници, а капацитетот е 210-220. Водиме сметка да не биде надминат тој капацитет“, рече Мојсоски.
Б. Јорданоска
ЦИВИЛ МЕДИА доби фотографии и анонимни изјави од затвореници во кои се жалат на многу лоши услови во КПД Идризово.