Европската комисија денеска ги повика Бугарија, Белгија, Чешка, Данска, Естонија, Ирска, Шпанија, Италија, Грција, Кипар, Летонија, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Австрија, Полска, Португалија, Романија, Словенија, Финска и Шведска да ја почитуваат легислативата кога станува збор за објавени терористички содржини преку Интернет.
Комисијата покренува дисциплинска постапка против посочените членки заради направени повреди на легислативата и несоодветна примена на правилата.
„Целосната примена на правилата е од фундаментално значење за да се спречат терористите да го злоупотребуваат Интернетот, да шират своја идеологија, да застрашуваат, радикализираат и регрутираат граѓани преку Интернет“, се посочува во соопштението на ЕК.
Истовремено се нагласува дека барањето за отстранување на таквите содржини до еден час по сигналот добиен од соодветните национални власти ги обврзува компаниите да преземат мерки кога таквата содржина е поставена на нивните платформи.
По стапувањето во сила на правилата на 7 јуни 2022 година, не сите земји на ЕУ ги презедоа сите неопходни мерки.
Комисијата е на мислење дека наведените земји не ги исполниле во целост своите обврски и сега имаат два месеци да одговорат на комисијата. Во отсуство на задоволителен одговор, ЕК може да продолжи со казнената постапка, се наведува во соопштението.