Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, денеска изјави дека ќе го разгледаат случајот со продажбата на авионски билети во институциите.
„Планираме да разговараме со Државниот завод за ревизија колку тие ќе го покријат тој случај. Значаен е затоа што големи парични средства се кријат во позадина и вреди за истражување“, додаде Ивановска.
Како одговор на новинарско прашање за тоа дали лицето што го откри случајот со владиниот генерален секретар Драги Рашковски е укажувач, Ивановска одговори дека лицето нема статус укажувач, бидејќи не ги испочитувал законските услови.
Таа додаде дека ќе водат постапка по допрен глас од медиуми по сопствена иницијатива, но сè уште не можат да почнат со обработка бидејќи чекаат да им биде доставена документацијата што ја имаат побарано од МАВ, од аспект што е потребно во однос на тендерот, како и документација од Рашковски на писмено да образложи во кое својство се нашол во објавениот снимен разговор.
А. П.