По повод донесеното Решение за распишување на Локалните избори 2021 година, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) излезе со соопштение до јавноста, во кое им укажува на институциите основани од државата, како и на единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија формирани од нив, на нивната обврска за доследно почитување и примена на одредбите од Изборниот Законик, како и на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, коишто се однесуваат на ограничувања и забрани на одредени активности во изборниот период.
ДКСК ја информира јавноста дека и оваа година, на веб страната на ДКСК е поставен образецот „ПРИЈАВА“ со цел брзо и навремено пријавување на незаконски постапувања на учесниците во изборите, или за повреда на претходно наведените ограничувања и забрани. Секој граѓанин може да поднесе пријава, анонимно или со свои лични податоци, без можност од закани или притисоци.
ДКСК посочува дека и оваа година ќе воспостави посеопфатно следење на активностите на учесниците во изборната кампања преку: обезбеден пристап до трансакциските сметки на сите учесници со цел увид во средствата кои се прибираат за финансирање на изборната кампања, обезбеден пристап до бази на податоци од неколку институции ,како и ангажирање на набљудувачи за следење на активностите на учесниците во изборната кампања на терен.
Во продолжение, ви го пренесуваме во целост соопштението на ДКСК.