По повод одбележувањето на 50 години Светска галерија на карикатури и Остен Биеналето на цртеж Скопје 2018 централниот настан на Остен уметност на хартија се одржа вчера со почеток 19 часот во Националната галерија на Македонија, Чифте амам Скопје.
Настанот беше под покровителство на премиерот Зоран Заев, којшто ја отвори изложбата.
Во текот на вечерта беа доделени награди и признанија на наградени уметници, карикатуристи и соработници на Остен уметност на хартија. Наградени се четворица уметници од Македонија (Родољуб Анастасов, Дарко Талески, Милан Андов и Невзат Бејтули Кица); по двајца од Италија (Пасквале Селона и Франко Векиет), Германија (Барбара Крол и Хелен Шулкин), Полска (Себастијан Лубински и Агњешка Х. Јанкиевич), Бугарија (Трајана Панајотова и Светла Радулова) и по еден уметник од Холандија (Херман Нордермер), Грција (Харис Кондосфирис), Србија (Тијана Којиќ), Русија (Олга Тобрелуц), Обединетото Кралство (Петре Николоски), Турција (Ахмет Албајрак) и од Јужна Кореја (Босук Ли).
Награди добија и десет карикатуристи: Владимир Боројевиќ, Златко Крстевски и Блаже Докулевски од Македонија; Недељко Убовиќ од Србија; Дамир Новак и Ратко Маричиќ од Хрватска, Дарко Дрљевиќ и Лука Лагатор од Црна Гора и Иваило Цветков и Милко Диков од Бугарија.
А. Петровска
Фотографија: Aлександрос Стаматиу