од корнер: ЗОРАН ИВАНОВ
Уште ниту изборите се верификувани, ниту кампањата е почната, но веќе сите се однесуваат кампањски. А до април има уште цела пола година. Уште многу работи до тогаш треба и може да се испозавршат. За во Унијата, секако.
Пред некого, сите се заколнале дека се за брза линија во правец на ЕУ. Тогаш, ако се сите за ЕУ, прашањето е работат ли сите за во ЕУ. Ако така рекле, тогаш е нејасно зошто, наместо план за предвремени, наместо избори, не договориле агенда за ЕУ? Нели сите биле за брзо во ЕУ. Лаги шарени.
На Македонија ако нешто не ѝ требаше, не ѝ требаа избори по шест месеци отсега. Или веднаш или редовни. Овој, кај претседателот на државата, е еден од полошите меѓупартиски компромиси. Дури во по нешто и да оди во прилог и на власта и на опозицијата, тоа воопшто не ѝ оди во прилог на државата. Овој договор е против нејзините интеграции и е договор во спротивна ЕУ насока. Партиските водства договорија избори за себе, а не договорија ништо за Македонија.
Затоа, ако нешто ќе беше плодотворно, ако за првпат и без посредство на странците можеше и требаше да се направи, ќе беше добро да беше тоа договор или за најбрзи избори, за соочувања со граѓаните до крајот на годинава или за редовни на крајот на наредната.
Но и овој пат се покажа дека Македонија нема политички авторитети на кои приоритетна им е државата, а не партијата. Да беше поинаку, по неделната француска корпа во претседателската резиденција на Водно, ќе паднеше договор адекватен за мигот. Сега ќе имавме меѓупартиски консензус, договор соодветен на обврските пред чија реализација до април можеби ќе паднеше и тврдиот Макрон.
До редовните избори, не е предоцна, на Македонија ѝ треба десетмесечен мораториум на катадневните бесполезни партиски вокабулари кои главно се сведуваат на петелчења, на обвинувања, на примитивни потплукнувања. Ниски страсти во битките за рејтинг.
Наместо во исфорсираната хормонална партиска предизборна кампања во која на зборот „избори“ по инерција се впуштија сите, власта и опозицијата сѐ уште можат да скицираат и да дефинираат кусометражни европски реформски обврски.
Го можат тоа дури и за најавените предвремени во април. Но тешко. За такво нешто е потребно да го имаат тоа што го немаат. Политичка култура и државнички сенс.
Европа нѐ чека, а ние стоиме. Правиме избори на кои ќе победи – никој.