По големиот број критики од граѓаните за фасадата во розева боја, Општинската културна установа ,,Дом на млади“ во Штип објави конкурсен повик во рамките на проектот ,,Нашиот дом“ за избор на седум авторски цртежи кои ќе го променат ликот на оваа културна установа.
Целта на овој културен проект е да им се даде можност на ликовните уметници и автори од цела Македонија да се претстават пред јавноста со нивните дела и заеднички да остават уметнички печат на фасадата на културната установа.
Повикот е отворен од 10 февруари до 30 март. Настанот ќе се реализира заедно со Сигнал фестивалот кој ќе трае два дена при што организаторот за потребите на настанот ќе обезбеди материјали за изработка како и еднакви хонорари за авторите.
Селекцијата на кандидатите ќе ја врши посебна комисија, а резултатите ќе бидат јавно објавени на 5 април.
Заинтересираните кандидати можат да учествуваат со една идејна скица – концепт во една од категориите Street art или Graffiti.
Директорот на „Дом на Млади“, Горан Трајков ги охрабрува домашните како и ликовните уметници од цела Македонија да се вклучат во идејата да се смени ликот на начин кој и прилега на оваа културна установа преку спроведување на прва галерија на отворено.
Нема да бидат разгледувани скици со недолична содржина, говор на омраза и дискриминаторски елементи.
Повеќе информации за начинот на аплицирање можат да се најдат на веб страницата на „Дом на млади“.
С. Живкова