Нестле е швајцарска џиновска мултинационална компанија за храна и пијалаци. Со нето приходи од 22,26 милијарди евра само во 2021 година, Нестле долго време се смета за најголема компанија за храна и пијалаци во светот. Според Википедија, нивните производи вклучуваат храна за бебиња, флаширана вода, житарици за појадок, кафе и чај, слатки, млечни производи, сладолед, замрзната храна, храна за домашни миленици и закуски.
Само 29 од нивните брендови имаат продажба од над 1 милијарда евра годишно, а компанијата има над 8.000 брендови. Тие имаат 447 фабрики во 194 земји и вработуваат околу 333.000 луѓе. Тие, исто така, се сметаат за еден од најдобрите работодавци во Европа и спонзорираат бројни активности и проекти на граѓанското општество. Но не е сѐ така како што изгледа.
Оваа компанија постојано ја следат тешки скандали со децении, кои ја шокираат светската јавност, додека активистите ширум светот често повикуваат на бојкот на производите на оваа компанија.
Нестле одби да ги затвори своите бизниси во Русија, тврдејќи дека не заработува профит во земјата што изврши брутална агресија врз Украина и го жестоко го загрози светскиот мир. Оваа постапка на компанијата предизвика бран незадоволство и повици на бојкот ширум светот, вклучително и од матичната земја, Швајцарија. Ова не е првиот скандал поврзан со оваа компанија со долго „досие“ на неетички практики, чија единствена цел е профит по секоја цена. Досието за големи скандали поврзани со Нестле во текот на изминатите четири и повеќе децении е прилично „дебело“.
Користење на децата робови во Африка
Индустријата на чоколади има своја мрачна страна. За тоа сведочи и потресниот документарен филм „Мрачната страна на чоколадото“ кое ги истражува нечовечните практики во Африка што ги спроведуваат најголемите светски производители на чоколади, меѓу кои најголемиот е токму Нестле. Меѓу другото, оваа индустрија не запира пред ништо во потрагата по профит.
Филмот открива незамисливо брутална експлоатација на детскиот труд, често и со деца кои се киднапирани за потоа да се употребат како робови во погоните за производство на суровините за чоколадите на светските компании за производство на чоколади.
Користење на децата робови во Тајланд
Користењето на децата робови во Тајланд за производството на производите на Нестле е најмрачниот дел од „досието“ на оваа компанија. Работниците во тајландскиот дел од компанијата за производство на храна за домашни љубимци се донесени од Бурма и Камбоџа.
Еден бурмански работник ги опишува работните услови: „Понекогаш, мрежата е премногу тешка, така што ги повлекува работниците во водата и тие едноставно исчезнуваат. Кога некој ќе умре, тој се фрла во вода“. Меѓу работниците имало и голем број деца.
Компанијата Нестле спроведе сопствена истрага и ги објави овие резултати, веројатно за да ги претрка новинарските истражувања и најави дека ќе спроведе похумани практики за заштита на трудот на работниците. Познато е дека истражувањето на Асошиетед Прес придонесе за спас на 2.000 тајландски рибари од нехуманите услови за работа.
„Принципиелните“ барања од Етиопија
Нестле многу строго се држи до своите „принципи“ кои не се ништо освен гола трка за профит. Така, кога во 70-те години на минатиот век, воениот диктаторски режим на Етиопија ги заплени сите странски имоти во земјата, Нестле остана „кратко“ за околу 5,5 милиони евра.
Компанијата упорно ги бараше тие средства од етиопската влада дури и за време на познатото гладување на Етиопија во 1984 година кое однесе 1 милион животи. Под притисок на светската јавност, Нестле во 2002 година конечно се согласи да го намали долгот на 1,36 милиони евра кои вети дека ќе ги реинвестира во земјата. Според компанијата која само лани имаше приходи од 22 милијарди евра, не се работи за парите, туку за „принципите“.
Бебешките формули подобри од мајчиното млеко?!
Уште во далечната 1977 изби скандалот со бебешките формули кога компанијата беше обвинета за манипулации со родилките. Во своите кампањи, Нестле ја убедуваше јавноста дека формулите се подобри од мајчиното млеко, така што голем број родилки низ светот се откажуваа од своето млеко, давајќи ѝ предност на формулата на Нестле.
Кога млекото е „од куќата“, мора да е најдобро – гласи една од рекламите со кои своевремено Нестле ги убедуваше мајките да се откажат од своето млеко и да им даваат на децата бебешка формула од Нестле. Активистите ширум светот тогаш и сега повикуваат на бојкот на производите на Нестле затоа што компанијата се однесува неетички и дека води кампањи со неточни информации за своите производи.
„Бојкотирајте го Нестле поради неетичка промоција и продажба на детската формула во земјите од третиот свет – ГЕНОЦИД ЗА ПРОФИТ“ – пишува на еден од постерите во анти-Нестле кампањите.
Водата е човеково право, но не и за Нестле
Водата е човеково право, но Нестле упорно приватизира водни резерви за своите комерцијални потреби насекаде низ светот. Ставот на компанијата е дека водата се користи неодговорно токму поради тоа што се третира како човеково право. По таа логика на компанијата, водата треба да се приватизира и на тој начин да се воведе ред во потрошувачката на најзначајниот природен ресурс. Таква политика би водела кон лишување на сиромашните од правото на бесплатно користење на водата.
Нестле беше своевремено обвинета за нанесување сериозна еколошка штета во американската сојузна држава Мичиген. Компанијата испумпувала 747 литри во минута од приватизираните природните резерви во таа држава, предизвикувајќи сериозно намалување на резервите и пад на нивото на природните резервоари со вода. Одредени извори наведуваат дека Нестле се залага да се промени статусот на водата во меѓународното право и, наместо човеково право, да се прогласи за потреба.
Еден од многуте погони за производство на флаширана вода на Нестле се наоѓа и во малото место Бати Дилван во Пакистан. Како последица од експлоатацијата на водата во ова место, локалното население страда од болести, нечистотија и недостаток, среде природното изобилство од вода.
Лажна грижа за еко-стандардите
Спротивно на етичките стандарди, Нестле спроведува т.н. greenwashing. Наместо да биде доследна на еколошките стандарди, со своите реклами лажно се претставува дека се грижи за животната средина. Со други зборови, загадувањето што го предизвикува само го прикрива, наместо вистински да се грижи за тоа.
Така, лажна е рекламата дека водата што Нестле ја продава во шишиња се рециклираат во целост. Флашираната вода е еколошки најодговорниот потрошувачки производ во светот – гласи една реклама на Нестле во Канада. Но истражувањата на организациите за заштита на животната средина покажаа дека голем дел од тие шишиња завршуваат во комуналниот отпад и никогаш не се рециклираат.
Само во 2018 година, Нестле е одговорно за продукција на речиси два милиони тони пластични пакувања од кои најголем дел не може да се рециклира или да се употреби повторно.
Експлоатација на дождовните шуми
Во африканските држави Брегот на Слоновата Коска и Гана, Нестле предизвика тешко обесшумување (дефорестација). Нестле, како и другите производители на чоколади како Херши и Марс, го користат какаото што доаѓа од нелегалната експлоатација и трговија со плодовите од овие растенија во заштитените подрачја.
Се смета дека дождовните шуми во Брегот на Слоновата Коска сега е паднат на само 4% што, покрај другото, предизвикува голем ризик и за биодиверзитетот.
„Фризирање“ на цените на чоколадите
Компаниите за производство на чоколади, меѓу кои и Нестле, беа дел од петгодишната истрага на канадските власти која беше обелоденета во 2012 година. Според наводите на истрагата, компаниите ги „фризирале“ цените на чоколадите и со тоа прекршиле повеќе закони кои ги заштитуваат потрошувачите од монополизација на пазарот. Судот ги отфрли овие обвиненија во 2015 година.
Сепак, симптоматична е исплатата на 6,5 милиони евра отштета што Нестле ја исплати во судски спор со приватни тужители кои ја тужеа компанијата за штелување на цените на чоколадите.
Скандалот со меламин во млекото во прав
Познат е и скандалот од 2008 година кога се откри дека Нестле и други компании употребуваат недозволени количини меламин во млекото во прав произведено во Кина. Меламинот (C3H3N6) е состојка на база на азот која е дел од пластиката. Се употребувал за да го зголеми количеството на протеини во продуктот. Истата година, Тајван забрани продажба на млеко во прав од Нестле произведено во Кина.
Своевремено, ТВ Франс 24 ги пренесе извештаите на кинеските медиуми за смртните случаи на две бебиња поради труење со проблематичниот состав на млекото во прав од Нестле. Скандалот изби откако „свиркачи“ во Нов Зеланд алармираа за оваа ситуација.
„Принципиелна“ трговија со Мугабе
Нестле купуваше млеко од фармите кои ги заплени диктаторот на Зимбабве, Роберт Мугабе, иако оваа земја беше под меѓународни санкции. Повторно, од „принципиелни“ позиции, да не им наштетат на луѓето, да не изгубат работа.
Скандали со лажни податоци на етикетите
Во САД, Колумбија и Полска во периодот од 2002 до 2017 година имаше повеќе скандали поврзани со погрешните податоци на етикетите на производите на Нестле што е неетичко, па и опасно однесување.
„Принципиелно“ и „без профити“ и во Русија, среде инвазијата врз Украина
Нестле останува да работи во Русија, наспроти санкциите што ги спроведуваат демократските држави и големите бизниси, како одговор на бруталната агресија врз Украина. Оваа своја одлука да остане во Русија, Нестле ја брани со „аргументите“ дека нема да профитира од нејзините операции таму и дека ќе ги задржи активни само операциите за основни продукти.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја повика швајцарската компанија во својот онлајн говор пред демонстрантите во главниот град на Швајцарија, Берн на 19 март, укажувајќи на неусогласеноста меѓу нејзиниот слоган „добра храна, добар живот“ и нејзините постапки.
„Бизнисот во Русија функционира иако нашите деца умираат и нашите градови се уништени“, рече Зеленски во своето онлајн обраќање пред демонстрантите во Берн.
Подготви: Џ. Дерала
Користени материјали: New York Times, Listverse, The Irish Times, Wikipedia – The Dark Side od Chocolate, Wikipedia – Nestlé, Confectionery News, Business and Human Rights Resource Center, Greenpeace, France 24 и други.
Целосно или делумно користење на овој текстот е дозволено според Creative Commons 4.0 (со наведување на линк до изворот). Преземањето на фотографиите е одговорност на Редакциите што го преземаат материјалот.