Од вчера повторно гори депонијата во Струга, од каде што се шири чад и неподнослива смрдеа. Од граѓанската иницијатива „Доста“ за ЦИВИЛ Медиа велат дека надлежните не ги послушаа нивните апели за итно набавување на големоволуменски прес-контејнери и за нивно итно ставање во употреба.
„Секој изминат ден, количеството на новоодложен отпад на дивата струшка депонија се зголемува, а со тоа пропорционално се зголемува и опасноста од нејзино запалување. Бараме под итно, некој од надлежните од Општина Струга или од Владата на Република Македонија да ни достави информација околу тоа до каде е постапката за набавка на прес-контејнерите. И доколку сè уште не е започната постапката за набавка на прес- контејнерите, бараме под итно нивна набавка и под итно, нивно ставање во употреба“, вели за ЦИВИЛ Медиа, Глигорие Ќатовски од иницијативата „Доста“.
Тој додава дека ќе побараат и одговорност од агенцијата за обезбедување „Питон“, за да се утврди дали навремено интервенирале и повикале противпожарна служба.
Дехран Муратов