Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ на нејзината Фејсбук страница објави фотографии на кои се гледа повлечената вода од Охридското Езеро и дамки од остатоци од нафта. Активистката Драгана Велковска во разговор за ЦИВИЛ Медиа изјави со Езерото дека се случува катастрофа!
„Сите ендемски видови живеат во плитка вода и ова што му се случува на езерото е катастрофа и може да ги изгубиме сите ендемски видови. Претставници на УНЕСКО, сега, во март треба да дојдат во мисија во Охрид, и потоа ќе одлучат дали уште ќе бидеме дел од УНЕСКО, или ќе ја повлечат одлуката“, вели Велковска.
„Добро утро, Охрид, градот на УНЕСКО, тоа што си, со институции на кои во екологијата приоритет им е и со иницијативи ко нашава, ш’о од досада еко-спинови прават, само и еколози изигруваат за некаквиси политички цели. А ова, на сликиве што го гледате, сето тоа тоа е природна колоритност, каква нафта, какви хемии кои загадуваат, оваа шареноликост има за цел туристи привлекување, та, не знаевте ли? Исто, како што и намалувањето на количината на вода, има за цел создавање нови крајбрежни плажички на кои и парапетчиња допрва ќе им заличат, со медитерански песок плажарски, бидејќи развој е, не е шала“, напишаа на Фејсбук од Охрид СОС.
Велковска додава дека во наредните денови ќе побараат одговори од надлежните институции за причините зошто е намалена водата и која е причината за загаденоста на Охридското езеро.