Categories

СТАТУАФЕСТ Другото лице на улицата

Ако на нешто ме научи улицата тоа е да бидам трпелив. Никогаш на глас не ми кажа дека во животот работите секогаш си доаѓаат на своите места, јас тоа го слушав од неа гледајќи ја, само треба да дојде вистинското време, знаеше да ми молчешкум да ми каже, тогаш кога наивно избрзував во некои одлуки и сметав дека е време да направам нешто повеќе од тоа што го работам. Таа знаеше дека не сум спремен за тоа. Гласно го премолчуваше тоа сиве овие изминати години колку што јас професионално се занимавам со улична уметност. И кога ќе тргнев нешто да правам работите не излегуваа, не бевме доволно спремни, секогаш тоа излегуваше на крајот како одговор. Кога ќе застанав повторно на улица да работам во некој од моите актови, таа повторно без глас ќе ми речеше: Ти реков не брзај. Има време, се’ со време ќе си дојде. Биди трпелив.  

Никогаш немав намера да се занимавам со организирање на уличен фестивал во било кој град, особено не во Скопје, особено не после сите улични настани кои му се случија на нашиот град. Сакав и максимално им се посветив на создавањето актови во изразот во кој јас работам на улица – жива статуа и тоа во периодот од 2009 па се до денес. Тоа некако дојде логично после сета онаа агресивна улична патомима која ја игравме по улица во периодот од 2004 до 2008 година.

Во периодот од 2009 – 2011 аплициравме и бевме одбиени од загрепскиот фестивал CEST IS D BEST кој според мене е вратата која го носи секој артист понатаму на големите европски улични фестивали. Во 2011 конечно бевме дел од селекцијата на истиот и тоа со актот „Велосипедистите“. Настапувавме Киро и јас. Од таа 2011 година па наваму ТЕАТРОСК го доби своето вистинско лице и можам да кажам дека „највиновни“ за тоа се организаторите на уличниот фестивал во Загреб CEST IS D BEST кои ни ја открија формулата доколку сакаме да бидеме дел од фестивалите кои се случуваат нив Европа, инсистирањето на креативните директори на фестивалите, а и условот е да се создаваат нови актови, секој сезона.

Тоа побара сите во ТЕАТРОСК да мислиме на тоа како од година во година да направиме подобар и подобар АКТ.

– Доколку сакаме да сме дел од европската и светската street art приказна мораме да сме иновативни. – реков на еден од состаноците кои ги правевме со ТЕАТРОСК.

– Тука нема да има компромиси. Мораме да бидеме дел од светот, да одиме рамо до рамо со најдобрите за да имаме предвид како размислуваат останатите светски продукции.

И, се наредија од сезона во сезона. По „Велосипедистите“ кои ги игравме со Киро во 2011 година, дојде „Лулашката“, потоа дојдоа „Уличните музичари“, по нив, „Железничката станица“, па „Љубовната приказна“, „Прозорецот“, актот „МАЈКА“ кој раскажуваше за земјотресот во Скопје и кој го игравме легнати на земја на огромно платно, па „Уличниот пантомимичар“ кој го играв сам и на крајот дојде „КОНТРАБАСОТ“. Со четири од овие девет актови бевме и во Линц на најголемиот фестивал за улична уметност:

Во 2017 година почувствував дека доволно време посветив на создавање продукција, со која посетивме над 200 фестивали за улична уметност ширум Европа. Нема кој не знае за Македонија, нема кој не знае за ТЕАТРОСК од сите оние држави, градови, фестивали кои ги посетивме и во кои ја презентиравме и нашата држава и нашата улична уметност, а и начинот на кој размислуваме. Почувствував силна обврска во Скопје да направам СТАТУАФЕСТ на кој ќе ги поканам моите пријатели со кои работам на фестивалите по Европа за да ги украсиме улиците на Скопје и градот да го поставиме на европската и светската мапа на културата на уличната уметност.

Прво се случи УРБАН ФЕСТ кој помина на трња заради милион околности, но, сепак се случи и добро е што се случи, потоа се случи СТАТУАФЕСТ – Гевгелија кој помина вообичаено, нормално и еве сега во 2018 година на 14 и 15 септември на улица Македонија во центарот на Скопје ќе го поставиме „СТАТУАФЕСТ – Другото Лице На Улицата“ на кој ќе донесеме одлични светски продукции, на кој ќе ја развиеме и нашата продукција, искрено се надевам дека и ќе поттикнеме младите да почнат да размислуваат во таа насока па бројот на артисти во ТЕАТРОСК, а и не само во ТЕАТРОСК да се зголеми и да ма повеќе улични артисти од Македонија кои ќе работат ширум светот, а најмногу од се’ се надевам дека фестивалот од година во година ќе станува се пообемен и по број на артисти и по плоштина на територија на град Скопје. На СТАУАФЕСТ секако дека ќе има и музички настани и на 14 и 15 септември кои ќе бидат дел од убавините кои ќе го китат центарот на Скопје.

Војо Цветановски

Print Friendly, PDF & Email