Пишува: Александар Иванов
Како стигнавме до точка во која институциите сè почесто изгледаат немоќни токму тогаш кога треба да бидат најфункционални?
Одговорот не е едноставен по последици, но е јасен по суштина: со долгогодишно слабеење на професионалните критериуми, институционалната меморија и јавната одговорност.
Еден од најдлабоките проблеми во македонскиот систем е моделот во кој политичката и личната лојалност премногу често добиваат предност пред знаењето, искуството и интегритетот. Кога вработувањето, унапредувањето и распределбата на одговорности не се темелат врз компетентност, државата постепено ја губи сопствената способност да учи, да планира и да реагира.
Системот почнува да слабее тогаш кога влијанието, послушноста и партиската припадност стануваат поважни од стручноста. Во таква средина, секој отфрлен способен кандидат не е само лична неправда, туку и загуба за институцијата и за државата.
Кога компетентните луѓе се оттурнуваат, а просечноста се наградува, последиците не се само кадровски – тие стануваат развојни, безбедносни и општествени.
Кризите не создаваат нови слабости – тие само ги разоткриваат постоечките. Она што со години се камуфлира со бирократска инерција и административни изговори, во моментот на криза излегува на површина како институционален дебакл. Кога еден систем нема јасна вертикала на одговорност и ја губи својата меморија преку политички чистки, тој станува неспособен за брза реакција. Ние не се соочуваме со надворешни непогоди, туку со внатрешно произведени ризици. Самиот систем стана фабрика за кризи, затоа што е дизајниран да ја преживее партиската смена, а не да го преживее реалниот предизвик.
Затоа проблемот не е само во организациската форма, туку во капацитетот за одлучување, дејствување и преземање одговорност. Без тоа, координацијата лесно се претвора во доцнење, а доцнењето – во системска слабост со реални последици.
Создавање на ризикот од државниот институционален механизам не смее да остане нормална состојба!
Најголемата опасност за едно општество е моментот кога ќе се навикне на сопствената институционална ранливост. Кога пропустите се доживуваат како „вообичаени“, а кризите како нешто што секогаш ќе се случува без поука и реформа, тогаш се создава амбиент во кој следната трагедија веќе не е исклучок, туку предвидлива можност.
Државата не слабее само кога нема ресурси.
Таа слабее многу побрзо кога нема критериуми.
Време е за промена на јавниот код!
Излезот не е во нов бран декларативни заложби, туку во враќање на основните принципи на јавната служба:
Знаење наместо послушност.
Работа наместо привилегија.
Доблест наместо партиски комфор.
Без оваа промена, секоја реформа ќе остане површна, а секоја наредна криза ќе нè затекне со истите слабости, само во поинаква форма.
Текстот е личен став на авторот | ЦИВИЛ МЕДИА
Проф. д-р Александар Иванов е редовен професор на Факултетот за безбедност – Скопјe, специјализиран за безбедност на животната средина, меѓународни односи и трансформација на безбедносната наука во оперативна реалност.












