ДЕХРАН МУРАТОВ
Додека граѓан(к)ите очекуваат подобар животен стандард, повисоки плати и пензии, позитивни политики за задржување на младите да не се отселат од државата, борба со корупцијата, неселективна правда, мирно и безбедно место за живеење каде што нема речиси секој ден да слушаме за некое убиство кое нема разрешница… од новата Влада предводена од премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и министерот за внтарешни работи, Панче Тошковски слушаме за некакво сценарио на ДУИ за дестабилизирање на државата оваа есен.
Како за потсетување, Мицкоски на 28 јануари 2023 година на неговиот Фејсбук профил објави фотографија од војната во 2001 облечен во воена униформа и со калашников в раце кој упатил порака до лидерот на ДУИ, Али Ахмети: „Басните за 2001-ва може Али да ги раскажува на Димитар Ковачевски“, како одговор на Ахмети кој рече дека „Мицкоски конфликтот во 2001 го гледал само на телевизија“.
„Не му се допаѓам на Мицкоски зато што не отидов во Хаг бидејќи борбата ми беше праведна, па нека не ми одговара со калаш. Тој ја гледал војната само на телевизија, додека јас сум потпишал меѓународни договори. Зошто инвестираме во стабилност? Придонесовме за решавање на спорот со името, преговораме со ЕУ со единствена цел на овој регион да му ја загарантираме мирот и стабилноста“, истакна Ахмети.
Денес, премиерот Мицкоски и министерот за внатрешни Тошковски се однесуваат како да се опозиција, а не власт. Доколку навистина има сериозни докази за можна дестабилизација на државата треба веднаш да се свика Советот за безбедност, а не да биде тема за пред кооперација со пиво, кикирики и салама.
Претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова не планира да го свика Советот за безбедност, бидејќи можеби не поверува во „басните“ за дестабилизирање на државата од ДУИ, или можеби Владата, МВР и АНБ не ги споделиле со претседателката сензитивните податоци за безбедноста на државата? Нели таа е врховен командант според Уставот.
Откако нè информираа Мицкоски и Тошковски дека ДУИ ќе има обид за дестабилизирање на државата оваа есен, веднаш нè смирија дека не треба да бидеме загрижени за безбедносната состојба во Македонија, или што би рекол еден нивен сопартиец – „Држава сме, контролираме“!
П.С. Јас пак мислев дека до есен ќе се пофалат со нови фабрики, поевтин бурек, леб, поевтина струја (која нема минимално да поскапи), бесплатно здравство за сите и да не мора со донации да се лечат граѓаните, ќе ја зголемат цената на студентскиот оброк и ќе воведат оброк и за основците и средношколците, ќе ги средат студентските домови…