Првиот дневен весник на македонски јазик во Македонија денеска одбележува 74 години постоње.
На третата седница на Президиумот на АСНОМ, одржана од 2 до 5 септември во 1944 година, во манастирот „Прохор Пчињски“, била донесена одлуката за основање на дневен весник.
Меѓу трите предлози за името на првиот дневен весник на македонски јазик биле имињата – „Независна Македонија“, „Слободна Македонија“ и „Нова Македонија“, при што, за учесниците најприфатливо било „Нова Македонија“, бидејќи станувало збор за преродба, нова, современа македонска држава, со поинакво општествено политичко уредување, со нови и поинакви принципи и начела на раководење и живеење.
Првиот број на „Нова Македонија“ излегол на 29 октомври 1944 година, во селото Горно Врановци, каде што и се наоѓа првата печатница која е претворена во музеј, а прв главен уредник бил назначен Васил Ивановски.
Вториот број бил отпечатен во Битола, а веќе третиот број излегува во Скопје.
По бурните транзициски години, обновената „Нова Македонија“ почна да излегува на 30 април 2008 година.
Иако е првиот дневен весник кој има голема улога во историјата на Македонија, и особено во историјата на македонското новинарство, сепак, на роденденот на „Нова Македонија“, годинава не му се даде особено општествено значење, коешто весникот, секако го заслужува.
А. П.