Претседателот на Владата, Зоран Заев заедно со министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, ЕУ амбасадорот во земјата Дејвид Гир, пратеничката Латифа Шиковска и претставници на граѓанските организации и на општините имплементатори на проектите, го најавија почетокот на реализација на проекти за домување на Ромите.
„Станува збор за четири грантови во вкупна вредност од околу 3,2 милиони евра за период од 3 години во општините Прилеп – во населбата Тризла, во Битола – во населбата Баир, во ромските маала во општините Штип и Берово, и во општина Кичево“, објасни премиерот Заев и додаде дека проектите се во рамките на Инструментот за претпристапна помош – ИПА 2, кој Владата го спроведува со поддршка од Делегацијата на Европската Унија.
Премиерот Заев рече дека овие проекти се остваруваат благодарение на иницијативата „Интеграција на Ромите 2020“, во рамките на која, на предлог на нашата земја како членка на иницијативата, на Самитот за Западен Балкан во Познањ во 2019 година беше усвоена Декларација на земјите од Западен Балкан за интеграција на Ромите во процесот на проширување на ЕУ.


Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска истакна дека целта е да се овозможи подобрување на социо-економската инклузија на Ромите со подобар пристап до јавните образовни, здравствени услуги и пристап на пазарот на труд.


Амбасадорот на Делегацијата на ЕУ во земјата Дејвид Гир истакна задоволство што презентираните проекти во голем дел ќе го подобрат животот на ромската заедница и додаде дека заедничка цел е да создадеме еднакви можности за ромското население. Амбасадорот Гир посочи дека финансирањето на ЕУ останува на располагање за поддршка на ваквите активности.


Проектите опфаќаат легализација на нивните куќи, подобрување на инфраструктурата и безбедни услови за живот, поправка и реконструкција на нивните домови, вработување на млади Роми, поддршка на Роми ученици со туторство после училиште, како и подигнување на свеста за еднакви права и пристап до здравствена заштита.


Ромскиот Ресурсен Центар во соработка со ЧЕЛИМ од Милано, Италија и Општина Прилеп почна со имплементација на проектот „Обезбедување пристојни услови за живот на ромските домаќинства во општина Прилеп – СДЛР“. Овој проект е дел од ИПА 2 програмата како дел од Годишната акциска програма за 2019 година за Република Северна Македонија, финансирана од Европската Унија. Програмата е поддржана од Владата на Република Северна Македонија.
Ромскиот Ресурсен Центар како претставник на конзорциумот одговорен за имплементација на проектот, ги презентираше целите, активностите и резултатите на проектот пред јавноста.
Лидер организација на проектот е ЧЕЛИМ од Милано – Италија, додека Ромскиот Ресурсен Центар и Општина Прилеп се ко-апликанти на проектот и НВО Рома Перспектив од Прилеп е Асоцијативен партнер.
„Главни активности на проектот се: Ажурирање на ГУП и изработка на ДУП од 71.4 хектари за ромската населба Тризла во општина Прилеп. Легализација на 700 бесправно изградени куќи на социјално загрозени ромски семејства. Реновирање и реконструкција на куќи на 50 ромски семејства кои живеат во штетни и небезбедни услови за живеење. Изградба на водоводна мрежа во должина од 2000 м и обезбедување на пристап до питка и квалитетна вода за 1000 ромски семејства во населбите Три багреми и Горна Дебарца. Подобрување на пристапот до здравствени услуги преку обезбедување на мобилна клиника за ромската заедница во населба Тризла. Обезбедување на туторска поддршка за 200 ученици Роми вклучени во основно образование кои имаат слаб успех. Изградба на водоводна мрежа во должина од 2000 м и обезбедување на пристап до питка и квалитетна вода за 1000 ромски семејства во населбите Три багреми и Горна Дебарца. Креирање на програми за вработување и поддршка на 100 лица претежно млади и жени“, вели Демировски од РРЦ.
Д.М.












