Државната изборна комисија врз основа на податоците добиени од јавниот увид и спроведените промени што произлегоа по разгледувањето на барањата на политичките партии, како и од дописот на Државниот завод за статистика, го заклучи Ибирачкиот список.
На локалните избори на 15 октомври право на глас имаат вкупно 1.814.644 гласачи. Од нив, во изводите на Избирачкиот список се запишани 1.735.682 гласачи, а во посебните изводи за лица со привремен престој или работа во странство се запишани вкупно 77.011 гласачи.
Во посебните изводи на Избирачкиот список за лица што се на издржување казна затвор или се во притвор, запишани се 1.882 гласачи.
Според податоците добиени од Министерството за труд и социјална политика за внатрешно раселени лица, во изводите на Избирачкиот список се запишани 9 лица.
Со оваа одлука, ДИК го верификува Избирачкиот список како важечки и прочистен.
Тоа значи дека на 15 октомври се очекува дека секој полнолетен граѓанин со право на глас ќе може и да го оствари исто, без да се соочува со појава на „фантоми“, на починати лица или на мистериозно исчезнување од Избирачкиот список.
Б. Ј.