Градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, во разговор за ЦИВИЛ Медиа вели дека нашата држава се стреми кон Европската унија, бидејќи сите политики на претходната власт предводена од СДСМ, а најверојатно и новата власт, ќе продолжи по иститот пат, затоа што младите пред сè заслужуваат подобри шанси, можности и подобра иднина.
Тој нагласи дека доколку Македонија стане дел од Европа, тогаш и Ромите ќе имаат повеќе можности за докажување и напредок во кариерата, и дека нема да работат само како метлачи за минимална плата од 9.000 денари како што беше во минатото.
„Само од Шуто Оризари половина од населението заминаа од тука и веќе се гастербајтери во некоја европска држава. Ромите знаат што се европски вредности и тие се најголеми поддржувачи за Македонија да стане дел од ЕУ“, вели Дудуш.
Тој вели дека во изминатиот период младите иднината и успехот го гледаа во тоа да магистрираат, дипломираат и да се вклучат во политиката. Меѓутоа, со европеизација на нашата земја ќе се промени тој начин на размислување, младите ќе можат и тука да градат кариери во големи странски фирми и компании, односно ќе може да се вработат во приватен сектор, каде што ќе бидат добро платени и ценети. Тој додава дека и дискриминацијата ќе се намали, откако ќе станеме дел од Евроската унија.
Текст, камера и монтажа: Дехран Муратов