Една третина од светската економија најверојатно ќе забележи пад оваа или следната година поради намалувањето на реалниот доход и порастот на цените, предупреди денеска Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во своите редовни есенски прогнози.
Светската економија годинава ќе се зголеми за 3,2 отсто, ММФ ја потврди проценката од јули, а следната година активноста ќе забави, со проценета стапка на раст од 2,7 отсто, за половина процентен поен помалку од очекувањата летово.
Основата на забавувањето во 2023 година ќе биде широка, напиша на блог економистот на ММФ, Пјер-Оливие Гуринчас, додавајќи дека земјите кои сочинуваат околу една третина од светската економија може да забележат пад на активноста оваа или следната година. Во САД, Кина и во еврозоната активноста речиси ќе стагнира, посочува тој.
Според него, овогодинешните шокови, гледани во целина, повторно ќе ги отворат раните во економијата кои само делумно зараснале по пандемијата. Накратко, најлошото допрва доаѓа и за многу луѓе 2023 година ќе има карактеристики на рецесија, додава тој.
Според пресметките на ММФ, веројатноста дека растот на глобалната економија следната година ќе падне под историски ниското ниво од два отсто, сега е приближно 25 проценти.
Доколку многу од ризиците се остварат, стапката на раст на глобалната економија би се намалила на еден процент, со речиси стагнирачки приход по глава на жител во 2023 година. Веројатноста за таков неповолен исход, или уште полошо, според пресметките на ММФ, изнесува 10 до 15 проценти.
Забавувањето на економијата е најизразено во еврозоната, каде што енергетската криза предизвикана од војната во Украина ќе продолжи да носи голем данок, па растот ќе се намали на 0,5 отсто во 2023 година, рече Гуринчас во врска со намалената прогноза за еврозоната за 0,7 процентни поени.
Европа ќе биде особено погодена од енергетската криза, нагласува економистот и предупредува дека шокот нема да биде привремен. Геополитичкото преуредување на снабдувањето со енергија по војната ќе биде екстензивно и трајно, порача економистот на ММФ.
Овогодинешната зима ќе биде предизвикувачка, но онаа во 2023 година веројатно ќе биде уште полоша, смета Гуринчас, нагласувајќи дека „ценовните сигнали“ ќе бидат клучни за ограничување на побарувачката на енергија и зајакнување на понудата.
Контролата на цените, нетаргетираните субвенции и забраните за извоз скапо ги чинат државите и доведуваат до прекумерна побарувачка, недоволна понуда, лоша дистрибуција и рационализирање и ретко даваат добри резултати, предупредува економистот на ММФ.
Меѓу ризиците за економијата, Гуринчас ја посочува ескалацијата на војната во Украина, која уште повеќе би ја влошила енергетската криза.
Во речиси сите земји, постојаното зголемување на цените, особено на храната и енергијата, предизвикува сериозни проблеми за домаќинствата, особено за сиромашните, изјави главниот економист на ММФ.
И покрај забавувањето на економската активност, инфлаторните притисоци се пошироко распространети од очекуваното. ММФ сега очекува глобалната инфлација да достигне максимум од 9,5 отсто оваа година, по што би требало двојно да се намали на 4,1 отсто до 2024 година.
Покрај храната и енергијата, растот на цените влијае и на многу други категории на производи, нагласува економистот на ММФ, порачувајќи им на владите дека фискалната политика треба да ги заштити најранливите групи граѓани, преку насочени и временски ограничени трансфери.
Ризикот од несоодветна монетарна, фискална или финансиска политика наеднаш зајакна во услови на висока неизвесност и се поизразена ранливост, нагласува тој.
Меѓу ризиците тој ги издвојува можното влошување на финансиските услови во светот и дополнително јакнење на доларот во случај на „ерупција“ на превирања на финансиските пазари. Ова дополнително ќе ги зголеми инфлаторните притисоци и финансиската ранливост во остатокот од светот, особено во економиите во развој, објаснува Гуринчас.