Експертката на Обединетите нации Франческа Албанезе, апелираше до десетици мултинационални компании да престанат да работат со Израел, предупредувајќи ги дека ризикуваат да бидат соучесници во воени злосторства во Газа и окупираниот Западен Брег, пренесе Би-Би-Си.
Албанезе, презентирајќи го својот извештај пред Советот за човекови права на ОН, го опиша она што го нарече „економија на геноцид“ во која конфликтот со Хамас обезбеди полигон за тестирање – без одговорност или надзор – за ново оружје и технологија.
Израел го отфрли нејзиниот извештај како „неоснован“, велејќи дека тој „ќе се приклучи на кантата за ѓубре на историјата“.
Експертите на ОН, или специјалните известувачи, се независни од ОН, но се назначени да советуваат за прашања поврзани со човековите права, пишува Би-Би-Си.
Албанезе е меѓународна адвокатка од Италија и е позната по својата отвореност; во претходните извештаи таа сугерираше дека Израел врши геноцид во Газа.
Во четврток таа го повтори тоа тврдење, обвинувајќи го Израел за „извршување на еден од најсуровите геноциди во модерната историја“.
Во овој извештај, Албанезе ги наведува компаниите за кои вели дека профитираат, а со тоа и соучесници во воените злосторства во Газа.
На нејзиниот список се вклучени производителот на оружје Локхид Мартин за продажба на оружје и технолошките фирми Алфабет, ИБМ, Мајкрософт и Амазон за обезбедување технологија што му овозможува на Израел да ги следи и таргетира Палестинците.
Таа, исто така, ги наведува Катерпилар, Хјундаи и Волво, за кои во нејзиниот извештај се тврди дека обезбедиле возила што се користат за уривање домови и срамнување со земја бомбардираните заедници.