На 27 април 2017 година беше извршен срамен напад врз Собранието и врз целата демократија во нашата земја. ЦИВИЛ – Центар за слобода веднаш го осуди екстремното политичко насилство тогаш, а на овој датум ги алармира институциите и јавноста дека одговорност мора да има.
На екстремното насилство му претходеше долг период во кој антидемократските политички структури ширеа омраза, страв и поделби меѓу луѓето. Со години, изборните кражби, дискриминацијата, национализмот и структурното насилство беа главна одлика на владеењето. Непосредно пред грозоморното насилство на 27 април 2017 година, сведочевме на организиран и систематски атак врз демократијата, слободата и мултикултурализмот во нашата земја.
Тие исти структури денес се обидуваат да го релативизираат насилството и, како во минатото, така и сега, се служат со говорот на омразa и дезинформации. Истите политички и други центри на моќта повикуваат на поделби и насилство, со цел да ги разнишаат демократските институции и да ја дестабилизираат државата.
Деновиве, во пресрет на овој датум сме сведоци на бесрамни потсетувања и извртувања на вистината, од страна на истите што се обидоа со насилство да ги попречат демократските процеси во земјата. Тие овој акт на терор го нарекуваат патриотизам, а себеси –„Уставобранители“.
ЦИВИЛ – Центар за слобода потсетува дека на 27 април имаше обиди за убиства, во кои беа физички нападнати политичари кои им беа „трн во око“ на таканаречените „уставобранители“. Тие сè уште бесрамно бараат да не се заборави овој ден, заради нивните „патриотски“ дејствија, кои сега бараат и споменикот на еден од нивните „херои“, Ќосето, повторно да се постави.
И не смее да се заборават актите на терор поврзани со 27 април 2012 година. Тој датум мора да остане врежан во нашата колективна меморија, за да не се повтори.