Американскиот специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар уште еднаш зборуваше за процесот на дијалог, за Заедницата на општини со српско мнозинство и за други теми поврзани со односите Косово-Србија.
Ескобар изјави дека САД го поддржуваат дијалогот олеснет од ЕУ и дека неговата земја очекува сите земји од регионот да се признаат меѓусебно, пренесува lajmi.net.
„Нашата политика е многу јасна. Целосно го поддржуваме дијалогот олеснет од ЕУ за нормализирање на односите. За нас меѓусебното признавање треба да биде крајна, важна цел. Сметаме дека сите земји од регионот треба да се признават меѓусебно, да ги намалат бариерите во трговијата, да помогнат да се решат дел од нерешените проблеми останати од 90-тите и да се оди напред кон европската интеграција“, рече Ескобар.
„Многу тесно соработувам со Мирослав Лајчак, но сепак тоа е целосно европски олеснет дијалог. Не учествувам во разговорите“, објасни Ескобар.
Тој додаде дека француско-германскиот план е важен план за нормализација и дека двете страни мора да го прифатат и веднаш да започнат со негова примена.
„Пред се, сметаме дека дијалогот има добар план. Ние мислиме дека француско-германскиот предлог што го поддржуваме – јас бев таму кога го поднесоа – е важен чекор во нормализацијата. Тоа е одлична водилка, се надеваме дека двете страни ќе го прифатат и веднаш ќе почнат да го спроведуваат. Но, во меѓувреме, постојат многу области кои во рамките на Договорот од Брисел, а кои остануваат неисполнети. Една од најважните е Заедницата на општини со српско мнозинство“, рече тој.
„Реакциите се нормални. Косовското прашање е многу емотивно прашање за Србија. Тоа е местото каде што тие се многу загрижени што значи ова за нивната иднина, што значи за Србите кои живеат таму. Но, тоа е важна работа што треба да ја преземат“, изјави Габриел Ескобар.
Н. А.