Проектот на Европската Унија „ЕУ против дезинформациите“ ги идентификува и разобличи клучните митови на руската пропаганда за Украина. Анализата ја објави Делегацијата на ЕУ во Украина.
Првиот пропаганден мит што го разобличија аналитичарите е дека наводно сегашните тензии меѓу Русија и земјите на Западот е резултат на агресивното однесување на Украина и нејзините западни партнери и дека Русија само ги брани своите легитимни интереси.
„Вистината е дека Русија продолжува да го крши меѓународното право и другите договори што самата ги има склучено. Со незаконското анектирање на Кримскиот Полуостров и извршување акти на вооружена агресија против Украина, Русија, како една од постојаните членки на Советот за безбедност на ОН, прекршила најмалку 12 меѓународни и билатерални договори“ – се вели во демантот на овој пропаганден мит.
Понатаму, во демантот се нагласува дека активностите на Русија, кои го поткопуваат и загрозуваат територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина, особено во Донбас, се нелегални.
Вториот мит на руската пропаганда е дека поради „агресивното проширување на НАТО“, Русија е наводно „опкружена со непријатели“ и мора да се брани.
Во анализата на овој пропаганден наратив се потсетува дека помалку од 1/16 од копнената граница на Русија се дели со членките на НАТО, а само пет од 14-те соседи на Русија се членки на Алијансата. Притоа, Русија ја има една од најголемите армии во светот со најголем број нуклеарно оружје. Тие додаваат и дека Украина како суверена држава има целосно право да одлучува со кого да склучува сојузи.
Третиот мит е дека Западот наводно не е заинтересиран за Украина, па затоа таа е приморана да ѝ се обрати на Русија за помош. Тоа не е точно. Всушност, западните партнери ѝ даваат голема поддршка на Украина, а трговијата на Украина со ЕУ изнесува 40% од вкупната трговска размена.
Во четвртиот мит на руската пропагандна машинерија се тврди дека на Русија наводно некогаш ѝ било ветено дека НАТО нема да се проширува, а доколку тоа ветување се одржало, Русија сега немало да биде приморана да се брани. Меѓутоа, вакво усно ветување не му било дадено на советскиот лидер Михаил Горбачов, а тој самиот, во интервју во 2014 година, го негираше тоа тврдење, велејќи дека за проширувањето на НАТО воопшто не се дискутирало.
Уште еден руски пропаганден наратив тврди дека Русија не може да се смета за одговорна за сегашните тензии, бидејќи Украина, наводно, ги прекршува договорите од Минск, а Западот продолжува да ја вооружува, па Русија како одговор на оваа провокација ги засилува своите граници.
Исто така, руските пропагандни ресурси се обидуваат да убедат дека ЕУ е „слаба и неактуелна“ и затоа со Европската Унија „воопшто не вреди да се разговара“.
EUvsDisinfo е проект на Групата за стратешки комуникации на Европската служба за надворешни работи – дипломатски ресор на ЕУ. Проектот беше лансиран во 2015 година за да се анализираат дезинформационите кампањи на Русија против ЕУ, поединечните земји-членки и соседите на Европската унија, како и за да се одговори на истите.