ЦИВИЛ денеска преку инфо-штанд и комуникација со граѓанките и граѓаните ги промовираше европските вредности и интеграции.
Граѓанките и граѓаните имаа можност со тимот на ЦИВИЛ да споделат размислувања и ставови за општата политичка состојба во земјата и нејзините напори во спроведување на реформите како дел од преговорите за членство во ЕУ. Со оглед дека дел од проектните активности на „Европа е наш дом“ се и мониторинг, застапување и јакнење на јавната свест во повеќе области, но пред сѐ главната цел е да се придонесе кон процесот на интеграција на Република Северна Македонија во Европска Унија, граѓанките и граѓаните разменија мислења и за изборните резултати и како тие влијаат во реформските процеси во време на пандемија со Ковид-19.
ЦИВИЛ како организација за човекови права и слободи во континуитет работи кон политичкиот дијалог, поддршка, но и преземање легислативни и граѓански иницијативи, со цел промоција на европските вредности, човековите права и слободи.
Медиумската платформа на ЦИВИЛ, пак, придонесува кон навремено информирање на граѓанките и граѓаните за сите политичко-општествени процеси, воедно придонесува во борбата против хибридните напади врз демократијата, лажните вести, дезинформациите, говорот на омразата и другите облици на хибридни напади врз демократијата.
Како информативен материјал печатеното издание на весникот за европски вредности и човекови права, што може да се најде и во електронско издание, граѓанките и граѓаните добија увид во заложбите на ЦИВИЛ во борбата против корупцијата, лажните вести и дезинформации, како и против говорот на омраза, преку јакнење на јавната свест и соработката со релевантните институции во земјата.
Проектот „Европа е наш дом“ го финансира Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.