Расположението помеѓу европарламентарците во однос на билатералниот спор помеѓу Северна Македонија и Бугарија во моментов не е наклонето кон нашата земја. Извори од европарламентот со кои разговараше ЦивилМедиа велат дека ова прашање не е високо на агендата на европарламентарците и порачаа дека уставните измени мора да се направат, и беа скептични за можни модификации.
„Направете нешто за да можеме да ви помогнеме“, велат соговорниците.
Уште истакнаа и дека по изборите замреле контактите со македонските парламентарци, и дека не се запознаени дали нивноте ставови како опозиционери сега се променети откако се на власт.
Претседавачот на Заедничкиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија, хрватскиот европарламентарец Карло Реслер во изјава за македонските медиуми, порача дека ЕУ повеќе нема илузии дека разликите што постојат меѓу Северна Македонија и Бугарија можем да се надминат со некакво магично решение.
„Ова билатерално прашање ќе мора да се реши меѓу двете земји“, истакна Веслер и додаде дека ЕУ може да биде само помагач, медијатор или олеснувач.
„Ние ќе работиме, секако, низ отворен и конструктивен дијалог да најдете излез од оваа ситуација“, додаде Веслер.
Од Стразбур за ЦивилМедиа, Драган Мишев
Фото: Драган Мишев, ЦИВИЛ Медиа