ВЕСТ НА ДЕНОТ: КОНСТАТИРАНА Е УПОТРЕБА НА ФИЗИЧКА СИЛА ВРЗ МАЛОЛЕТНИ ЛИЦА ВО ПОПРАВНИТЕ УСТАНОВИ
Европски ден на жртвите на криминалот од омраза
Денеска е 22 јули – Европски ден на жртвите на криминал од омраза прогласен од Советот на Европа. Целта на овој датум е да се воспостави како ден за признавање на проблемот со криминалот од омраза во Европа, да им се даде поддршка на жртвите, да се потврди заложбата за мониторирање, за спроведување на законот и за подигнување на јавната свест со цел да се осудат и да се спречат таквите кривични дела.
Хелсиншки комитет: Се зголемува бројот на дела од омраза, во 2018 регистрирани 123 случаи
Сто дваесет и три инциденти и дела од омраза регистрирал Хелсиншкиот комитет за човекови права во 2018 година. Во најголем дел од нив, односно во 64,2 отсто основ била етничката припадност, а во 25,2 отсто политичката припадност. Најмногу од делата – 67 биле насилство, во 26 имало оштетување имот, а телесни повреди имало во 18 дела.
Како што истакнаа денеска од Хелсиншкиот комитет, овие бројки укажуваат на речиси двојно зголемување на бројот на криминални дела од омраза од лани, кога биле регистрирани 70 вакви дела. Трендот на пораст на бројот на вакви кривични дела продолжува и годинава.
Затворениците немаат доволно храна, констатира Собраниската комисија за надзор на КПУ
На денешната собраниска расправа, претседавачот на Комисијата, Фадил Зендели, посочи дека при посета на затворите во Идризово и Штип констатирале најпрвин недостиг на финансиски фондови за овие институции.
Зендели посочи и дека во затворите количината на храната за осудените е незадоволителна, има недостиг на медицински работници, услови за телефонска комуникација со роднините проади лошата состојба на телефонските апарати, лоши услови за престој…
Народен Правобранител: Се тепаат деца во поправни домови, осудените немаaт стоматолог
Народниот правобранител при посета на неколку казнено поправни установи во земјава констатирал употреба на физичка сила врз малолетни лица кои се држат во поправните установи.
Заменичката Народен правобранител, Васка Бајрамовска Мустафа на денешната собраниска расправа на надзорната комисија рече дека како последица на лошите услови и третман, децата од поправните установи наместо да се рехабилитират завршуваат понатаму во затвори.
Флеш вести
Кривичен суд го одби барањето на Кочан за одложување на затворската казна
Судија за извршување санкции при Основниот кривичен суд – Скопје го одби барањето на бизнисменот Сеад Кочан поради здравствени причини да му биде одложено издржувањето на затворската казна од четири години и осум месеци за предметот „Труст“ на СЈО
АВМУ бара информации за фактичката состојба во 1ТВ
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги како регулатор има започнато постапка за утврдување дали е прекршена законската одредба која забранува тајно содружништво во телевизијата 1ТВ и за да ја утврди фактичката состојба се обраќа до релевантни државни органи кои би можеле да имаат информација од значење за постапката.
Пендаровски: „Рекет“ да се реши брзо и до крај, да не се остави ни најмал сомнеж
Претседателот Стево Пендаровски денеска побара од надлежните што е можно побрзо да го решат случајот „Рекет“ и да не се остави ни најмал простор за сомнеж.
Тој потсети дека ЕК во својот Извештај од 2017 година не дефинираше како заробена држава, најмногу заради политичка поларизација, но и заради тоа, како што наведе, „што во бизнисот се знаеше кој може да го прави и кој смее воопшто да влезе на тоа поле“.
ЦИВИЛ активности
Дел од тимот на ЦИВИЛ утре ќе биде на Полошкиот регион (Тетово, Гостивар, Врапчиште и Теарце), односно на терен ќе отвори информативен штанд за директна комуникација со граѓанките и граѓаните, а воедно ќе спроведе и видео-анкети на повеќе прашања.
Тимот ќе направи и неколку интервјуа и состаноци со претставници на локалната власт и граѓанските организации.
Настаните се дел од проектот „Зелена иднина“, кој организацијата го спроведува во соработка со Хајнрих Бел – Сараево.
Д. Тахири