„Крик – фестивал за критичка култура секоја година обработува една одредена тема. Мотивацијата за темата секогаш доаѓа од преиспитување на општествените околности, политичките и уметничките динамики, не само во Македонија, туку и меѓународно и секоја година ‘Крик’ се труди да ја провоцира ситуацијата преку низа настани како предавања, работилници, перформанси и концерти“, вели Артан Садику, раководител на фестивалот.
Тој додава дека оваа година ќе се зборува, ќе се истражува, испитува и дискутира околу можностите на креирање на политики вон воспоставените државни, општествени норми и пракси и закони.
„Би сакале да видиме кој е потенцијалот за нови форми на размислување вон овие воспоставени граници, на некој начин вон воспоставените референци на каков било идентитет. Клучната цел на фестивалот оваа година е да видиме кои се стратегиите и праксите да бегаме цело време од одредена форма на воспоставување на идентитет, кој понатаму постанува и авторитарен врз субјектот, но и врз колективот кој почнува да се идентификува во однос на еден одреден стабилен идентитет. Оттука можеме да видиме дека провокацијата на годинешниот Крик е доста анархистички поставен, бидејќи целта е да видиме како можеме непрекинато да одбегнуваме каква било форма на стабилизација на форма, мисла и теорија, но и општествена пракса која понатака станува угнетувачка, експлатирачка врз индивидуите кои учествуваат во тој колектив“, вели Садику.
„Сега во моментот, не само кај нас туку и меѓународно, постои една оргомна конфузија во однос на тоа што треба уметноста да прави, во однос на тоа што е нејзината улога, дали таа треба да ги репродуција на некој критички начин постоечките тенденции, односи и сфаќања во општеството или пак треба да се изнесе себе, на некој начин да се евакуира од општеството и од некоја трета позиција да отвора нови видици за општеството, отколку да биде внатре. Но, за отворање за тие нови видици на тој нов процес уметноста сама не може да направи, затоа треба да се искомбинира со активизам и со мислење кое е вон сегашните поставени рамки, каде мислата исто така многу често се впушта во репродуцирање на веќепостоечките рамки на мислење“, додава Садику.
Годинешниот фестивал е поделен на три сесии, ова е летната сесија, во која ќе има повеќе предавања и проекции на два филма.
„Фестивалот стреми кон вкрстување на различнит жанрови на различните форми. Сите предавања и проекции се однесуваат на преиспитување на одредени ситуации на кризи во однос на идентитетот, на потиснување на луѓето да одберат одреден идентитет или пак на подвигот на одредени групи луѓе кои не се идентификуваат во никаква одредена постоечка форма и се трудат да се спознаат“, вели Садику.
Темата на годинешниот Крик – фестивал за критичка култура е „Човек без својства – политики на маргините“, кој започнува вечерва и ќе трае до 22 јуни. Целата програма за фестивалот можете да ја погледнете тука.
КРИК – Фестивал за критичка култура се реализира во соработка со: Мутлимедијалниот Институт (MI2), од Загреб, kuda.org од Нови Сад, Berliner Gazette од Берлин, платформата Светот околу нас – критиката во регионот, организирана од партнерските организации kulturpunkt.hr и Kurziv (Хрватска), SEECult (Србија), SCCA – Љубљана (Словенија).
Контрапункт и КРИК – фестивал за критичка култура се поддржани од: Гете-институт Скопје, Министерство за култура на Република Македонија, Фондацијата Култура нова од Хрватска и Креативна Европа 2014 – 2020, Град Скопје.
Ангела Петровска
Камера и фотографија: Дехран Муратов
Монтажа: Биљана Јордановска