Се намалуваат индикациите за тестирања, како преку пунктовите, така и во приватните лаборатории и тоа води кон насока на стивнување на епидемијата со коронавирусот, тоа што го очекувавме во овој период, истакна денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче и посочи дека тоа е констатирано во неговиот разговор со Комисијата за заразни болести.
Тој рече дека веќе се изготвени сите протоколи за функционирање на многу други сегменти, општествени и економски оператори, фабрики и јавен превоз итн.
– Во текот на следната недела тие ќе бидат официјализирани после финалните консултации со сите кои ги засегаат, со цел да се слушнат евентуални сугестии, после што ќе ги презентираме јавно исто како и временскиот период во кој ги очекуваме овие да ги наречам попуштања на рестрикциите. Сето тоа ќе биде постепено со цел да не се создадат гужви, ниту да се создадат услови за масивни собири, истакна Филипче.
Од вчера, потенцира тој, имаме уште еден канал за побрзо информирање на граѓаните со официјални информации поврзани со справувањето со коронавирусот.
– Тоа е каналот „Коронавирус МК Koronavirus“ на апликацијата Вибер, преку која на граѓаните на својот мобилен телефон добиваат информации од Министерството за здравство и Владата. Благодарност до „Вибер“ за бесплатниот канал за комуникација, како и пораките кои ги испратија денеска за сите наши граѓани кои оваа апликација ја користат, потенцира Филипче.
Во врска со активностите, случувањата околу Центарот за јавно здравје во Велес, Филипче рече дека до крајот на денот ќе биде назначен нов директор на таа јавна здравствена установа.
Тој се осврна и на денешните податоци со коронавирусот во државава, при што истакна дека денеска се регистрирани 111 оздравени пациенти, и тоа во Скопје-13, Куманово-74, Штип-1, Прилеп-18, Битола-1, Охрид-1, Крива Паланка-1, Пробиштип-1 и Демир Хисар -1.
– На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина пациент од Скопје на возраст од 62 години, а во ГОБ „8 Септември“ почина пациентка од Гостивар на 59 години. Во денешниот извештај на Институтот се евидентирани и две починати лица од околината на Куманово, на возраст од 72 и 79 години, пациентка која се лекувала во домашни услови и пациентка која се лекувала на инфективното одделение во болницата во Куманово, рече Филипче.
Во изминатите 24 часа, посочи, направени се 386 тестирања, а потврдени се 23 нови случаи на Ковид-19 и тоа во: Скопје-5, Куманово-5, Прилеп-3, Тетово-6, Велес-2 и Неготино -2. Двете лица заведени во ПЕ Неготино, се жители на Демир Капија.
– Со ова вкупната бројка на Ковид дијагностицирани во нашата земја изнесува 1.465, бројката на оздравени пациенти е 738, на починати е 77, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 650. Досега во земјата се направени вкупно 16.436 тестирања на Ковид-19, истакна Филипче.
Во врска со состојбата на хоспитализираните и новопримените на клиниките рече дека на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби се примени двајца нови пациенти, а вкупно се хоспитализирани 49 од кои 28 се на кислородна поддршка, а двајца се на механичка вентилација, а во ГОБ „8 Септември“ примени се пет нови пациенти, а вкупно хоспитализирани се 24 пациенти од кои четворица се на респираторна машина, а уште тројца се со потешка клиничка слика.
– Во болницата во Битола се лекуваат четворица пациенти, а на домашно лекување се следат тројца. Во болницата во Штип се хоспитализирани двајца пациенти, а уште петмина се следат на домашно лекување. На инфективните одделенија во Прилеп, Велес, Куманово, Охрид, Гостивар и Тетово се хоспитализирани вкупно 46 позитивни и суспектни на Ковид-19, рече Филипче.
Во врска со тројцата вработени позитивни на Ковид – 19, (лаборант, медицинска сестра и доктор) од Клиниката за детски болести, нагласи дека сите се без симптоми.
– Изминаа 14 дена од првиот иницијалниот брис. Кај лаборантот е негативен првиот контролен тест, другите тестирања ќе бидат готови во следните денови, додека 23 лица кои се нивни контакти после изолацијата од 14 дена се асимптоматски, додаде Филипче.