Самостојната изложба „Female fish“ на академскиот уметник Мирослав Величковски, што вчера се отвори во Домот на културата, Куманово, покажа една поинаква перцепција на жената, како безвремена инспирација и фасцинација.
Низ приказот на жената како главна фигура чија моќ произлегува од универзалноста на нејзината улога во креаторка на светот, преку јасни потези на четката во детализирањето на емоциите што го надминуваат физичкиот простор на телото, Величковски покажа една маестралност во разбирањето на нејзиното имагинарно, што во секојдневната реалност е тешко уловливо. Иако фокусот е насочен кон одделни, сензуални, делови на женското тело, вратот, градите, очите, усните, на моменти фотографски прецизно, сепак разлевањето на боите и контурите го истакнуваат трепетот што произлегува од индивидуалното доживување.
„Сеопштиот впечаток е дека авторот креирал еден специфичен вокабулар на којшто го гради сликарскиот израз, а истиот се движи во рамките на современиот дизајнерско – илустративен јазик фокусиран на битните елементи и нивната внатрешна визуелна поврзаност и интеграција… Оттука заклучокот дека Мирослав Величковски, како мултимедијален уметник се стреми кон фузија на локалното и универзалното. графичкото и склупторското, светлото и темното, минатото и современото…“, изјави Роберт Цветковски, историчар на уметноста, отворајќи ја изложбата.
Мирослав Величковски е роден во уметничко семејство. Дипломира на Факултет за ликовни уметности, отсек вајарство, живее и работи во Куманово како слободен графички дизајнер. Учествувал на повеќе групни изложби, проекти, перформанси, сценографија и мозаик…
Биљана Јордановска