Германската Влада денеска претстави нов пакет мерки за намалување на емисиите на штетни гасови со „ефект на стаклена градина“ во секторите сообраќај и домување, со цел Германија до 2045 година да биде на ниво на неутралност на емисиите.
Министерот за сообраќај Фолкер Висинг соопшти дека е планирано зголемување на бројот на станици за полнење електрични возила, зголемување на јавниот превоз и на патиштата да има повеќе велосипедски патеки.
Според него, земјата нема да воведува ограничување на брзината на автопатишта. Активисти за заштита на животната средина проценија дека токму таа мерка веднаш би ги намалила штетните емисии на гасови и високата цена на горивото.
На многу автопатишта во Германија засега нема ограничување на брзината, па возачи често возат со брзина поголема од 200 километри на час, што во голема мера ја зголемува потрошувачката на гориво.
Планот на Висинг беше наречен „небулозен“ од страна на организацијата Гринпис, критикувајќи ја одлуката за брзина на автопатишта и дозволата системите за греење на гас во домаќинствата да може да се инсталираат до 2024 година.