Во сите 117 избирачки места во Општина Тетово започна гласањето на локалните избори за членови на Совет и се одвива без проблеми, информираат од Општинската изборна комисија (ОИК) Тетово.
„Избирачките одбори нè информираа дека во сите избирачки места е започнато гласањето и се одвива во најдобар ред. Нема поголеми проблеми“ – изјави Назми Даути, секретар на ОИК Тетово.
Во избирачкиот список за Општина Тетово се евидентирани 84.071 гласач кои во текот на денот ќе може да го остварат правото на глас на едно од 117 избирачки места во градот Тетово и неколкуте рурални населени места. За 31 едно место во Советот на Општина Тетово доверба од гласачите бараат дури 403 кандидати од 13 кандидатски листи.
Денеска, во периодот од 7 до 19 часот отворена ќе биде подрачната канцеларија на Народниот правобранител во Тетово, а граѓаните ќе можат за заштита на своите права да се обратат лично во канцеларија или на телефонскиот број 044 344-082, информираа од оваа установа.
Од таму потенцираат дека Народниот правобранител, правата на граѓаните ќе ги штити со преземање на итни мерки за ефективно постапување од странa на надлежните органи во изборниот процес и другите институции кои се должни да им обезбедат заштита на нивните загарантирани права.
Со соопштение излезе и ЦИВИЛ кои ќе спроведат специфичен облик на мониторинг, преку пријави од граѓанките и граѓаните во трите општини.
„Им посакуваме мирен, демократски и успешен изборен ден на сите граѓанки и граѓани на општините во кои денеска се гласа. Отворени сме за пријави за изборни нерегуларности“ – порачуваат од ЦИВИЛ.
Во општина Центар Жупа денеска се спроведуваат по вторпат повторени избори за градоначалник.
„Во 7 часот отворени се сите 16 гласачки места. Во единствениот избирачки список запишани се 7.154 лица а за да биде избран градоначалник гласачкото право треба да го остварат 2.385 лица. Вчера гласаа 29 болни и немоќни лица“ – изјави за МИА, Неџип Илјаз, претседател на Општинската изборна комисија.
Тој изрази очекување изборниот ден да мине во најдобар ред, со поголема излезност во попладневните часови.
На гласачкото ливче овој пат е само еден кандидат, предложен од политичка партија.
Во оваа печалбарска општина, каде над 60 отсто од популацијата живее во некоја западноевропска земја, се повторува гласањето за градоначалник бидејќи ниту во редовниот термин за локални избори на 17 октомври минатата година, ниту на повторените на 17 април годинава, не беше обезбеден потребниот цензус од една третина или 33,33 отсто од вкупното гласачко тело. Во октомври излезноста беше 25,77 додека во април 29,97 отсто.
Поради масовното присуство на печалбарите, кои по традиција во август доаѓаат во родниот крај, оправдано се очекува да се обезбеди потребниот процент на излезност.
Изборниот процес од Локалните избори за градоначалник во Општина Маврово и Ростуше утрово почна навреме, информира Ивана Ѓорѓеска, претседател на Општинската изборна комисија. Сите гласачки места, вкупно 39, утрово биле отворени во 7 часот.
Право на глас, во оваа општина според избирачкиот список имаат 9.948 граѓани.
Гласањето трае до 19 часот.
Подготви: Д. Мишев