Околу 23 часот (10 март), во близина на студентскиот дом на Сава во Загреб одекна силна експлозија која ги вознемири жителите на околните згради, објави хрватски Јутарњи доцна синоќа, а пренесе ЦивилМедиа. Ова е тема број еден денеска во Хрватска, а со ноќната експлозија во Загреб се занимаваат и светските медиуми.
Данко Петрин, главен истражител за воздухопловни несреќи во Агенцијата за истрага на несреќите на Хрватска, за Јутарњи лист изјави дека сè уште не се знае за каков тип на авион се работи, но ако се точни претпоставките дека се работи за извидувачки дрон Тупољев Ту-141 Стриж (на руски: брз), целта е јасна. Пронајден е и падобран.
„Тоа е дрон кој полетува со фрлач. Може да слета само со помош на падобран. Денешните дронови се модерни и секогаш се во контакт со базата. Но, ова е застарен модел кој е создаден во Советскиот Сојуз во 1970 година. Имаше случаи кога овој тип на авион може да излезе од контрола. Претпоставувам дека тоа е така и кај нас, бидејќи таквите летала не се ракети кои се испраќаат како оружје, туку нивната цел е да се вратат во базата за да ги достават собраните податоци. На крајот на краиштата, не е јасно што точно може да снима ноќе. Очигледно е дека се работи за грешка во програмирањето на летот или дека авионот излегол од контрола, но тоа допрва треба да го утврди истрагата“ – објаснува Петрин за Јутарњи.
Тој верува дека жителите на Загреб поминале добро.
„Дронот паѓаше вертикално, со полна тежина. Да удреше во станбена зграда, сигурно ќе пробиеше барем неколку ката, ако не и подрумот. Може да се каже дека добро поминавме“ – вели хрватскиот експерт.