пишува: МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Член на една од партиите кои се континуирано претставени во Собранието на државата, во својство на министер за правда во актуелната власт, им порача на гласачите:
“... само со гласање за оној кој има шанса да победи, гласот е корисно употребен и добива влијание. Гласање за кандидат кој нема шанси за победа, е фрлен глас. Сите сме искусни после толку години парламентарни избори, дека гласајќи за маргинални кандидати, всушност давате можност вашиот противник да јакне.“ – Рената Дескоска.
Не помина многу време од моментот кога решивме да го промениме политичкиот систем затоа што мислевме дека е тоа систем на едноумие кој не овозможува манифестирање на плуралитетот во процесите на управување, до овој момент кога најотворено се заговара бришење на плуралитетот во име на “јаки“ партии.
Уште од самиот почеток, декларираниот плуралитет покажа тенденција кон окрупнување кога беа уништени голем број политички партии кои фактички го промовираа новиот начин на размислување, ги иницираа демократските процеси и понудија вистинска различност на политичката сцена.
Процесот продолжи со постепени промени на законските решенија за регистрација на политичките партии кои се’ повеќе го отежнуваа појавувањето нови политички субјекти и заврши со таква промена на Изборниот законик која ја цементира монополската положба на веќе постоечките “големи“ партии, а остава минимален или никаков простор за промоција и рамноправно учество во изборната трка на “МАЛИТЕ“ партии.
Во пракса, изборните дебати се сведоа на дуели меѓу претставници на “големите“ партии, додека “МАЛИТЕ“ партии беа поттурнати на маргините на изборната кампања.
На прв поглед изгледа многу нелогично зошто една “голема“ партија не би сакала да дебатира со “МАЛА“ партија? “Големата“ партија би требало да има апсолутна предност во една ваква дебата. Располага со податоци, има капацитети, зад себе има резултати кои може да ги прикаже, има континуитет на делување кој на граѓаните може да им гарантира видлива перспектива.
Тоа што “големите“ партии сакаат да си разговараат меѓу себе, може да значи дека така им е поедноставно. Го знаат противникот наспроти себе, му го знаат валканиот веш кој можат во секој момент да го извадат како противтежа на сопствениот валкан веш, зборуваат за исти работи, ветуваат исти работи, нема изненадувања и нема потреба нешто посебно да нудат за да тече муабетот.
Доколку некоја “голема“ партија се соочи со некоја “МАЛА“ партија:
– има опасност таа партија да нема валкан веш кој ќе може да биде изваден доколку притреба.
– може да зборува за некои сосема други проблеми за кои “големата“ партија не сака да зборува затоа што не знае или не сака да ги реши.
– може да и’ бидат поставени незгодни прашања за корупција, прекршувања на законите, злоупотреби, крадење, мамење, лажење, …
– може да бидат понудени едноставни и добри решенија во корист на граѓаните кои не смеат да бидат спомнати затоа што се против интересите на моќни финансиски поддржувачи на “големата“ партија или на нејзини бизнис партнери или на личниот интерес на нејзини видни членови
– може да се покаже дека “МАЛАТА“ партија е многу подобро решение од “големата“ партија.
Затоа, не Рената Дескоска, гласањето за помали партии не е изгубен глас туку е глас за разновидноста, за одговорноста, за контрола и глас против автократијата. Гласот за “МАЛИТЕ“ партии е обезбедување на вистинската демократија во државата која не ги поставува граѓаните пред вечната дилема: магаре или змија.
И нешто повеќе, коалицирањето со малите партии во услови на Македонија значи или поткупување и клиентелизирање на малите партии, или нивно потполно амалгамизирање во поголемите, или/и исчезнување на модусот и причините за нивното формирање – разновидните потреби и интереси на граѓаните.