По повод 35 години од својата кариера, Горан Таневски, фронтменот на легендарниот бенд Мизар, ќе издаде три нови албуми и ќе организира концерт со кој ќе се заокружи неговата три децениска кариера.
Концертот ќе се одржи на 13 јуни во МКЦ, со почеток од 21 часот, а во пресрет на тоа тие ќе организираат и јавна проба која ќе се одржи на 30 мај, со почеток во 18 и 30 часот во студиото на Таневски, кое е во склоп на Макотекс.
На јавната проба, покрај дружење и запознавање со музиката на Таневски, предвидени се и изјави и интервјуа.
Влезниците за концертот се продаваат по 350 денари на билетарата на МКЦ, а на денот на концертот истите ќе чинат 500 денари.
Таневски е музичар и сестран уметник. Композитор, пејач, текстописец кој остави печат врз македонската музичка сцена во својата плодна кариера, а е и еден од имињата со кои се поврзува алтернативниот рок на македонската музичка сцена. Таневски го предводеше Мизар во периодот од 1984 до 1991 година а според музичките критичари е еден од највлијателните вокали на овие простори.
А. Петровска