Музичарот Горан Таневски на 13 јуни, ќе одржи концерт во Младински културен центар во Скопје, со цел да се одбележат 35 години на неговото присуство на музичката сцена. Таневски ќе настапи како дел од проект што го носи името „Мизар – друго откровение“.
Култниот бенд „Мизар“ е формиран во 1981 година во Скопје од членовите на групата: Горазд Чаповски (гитара), Ристо Вртев (вокал), Илија Стојановски (бас гитара) и Панта Џамбазоски (тапани). Во 1985 година, на местото на Ристо Вртев како пејач дошол Горан Таневски.
Истата година снимиле неколку демо песни и тргнале на југословенска турнеја заедно со Лајбах и Дисциплина кичме. Со таа промена го промениле и стилот, и под името „Мизар-второ откровение“ нуделе музика базирана на старословенското пеење, македонскиот фолклор, византиската традиција и дарк звукот.
На 26-ти јуни 2015 година излезе документарниот филм „Мизар: Ѕвезда на надежта“, вклучувајќи интервјуа со првите членови на Мизар и разговарање за досега непознатиот период на групата: почетоците во 1981 до 1986 година. Пред документарниот филм, се сметаше дека Мизар е основана во 1983 година.
До ден денес, Чаповски остана единствениот константен член на Мизар од основањето во 1981 година.
Таневски е музичар и сестран уметник. Композитор, пејач, текстописец кој остави печат врз македонската музичка сцена во својата плодна кариера, исто така е еден од имињата со кои се поврзува алтернативниот рок на македонската музичка сцена.
Влезниците за концертот на Горан Таневски можете да ги набавите на билетарата на МКЦ по 350 денари, а на денот на концертот истите ќе бидат 500 денари.
Ангела Петровска