На иницијатива на неколку граѓански активисти, формирана е доброволна и неформална платформа „Специјално за СЈО“, за поддршка на институцијата во која граѓаните веруваат дека ќе успее да го врати и подобри владеењето на правото во Репулика Македонија.
Специјалното Јавно обвинителство од самото формирање се соочува со континуирано попречување во ннеговата работа. И покрај дваесетина кривични пријави поднесени против СЈО, по ист основ – наводно малтретирање при вршење на службата, обвинителите од тимот на Катица Јанева, продолжуваат со разгледување на „Пуч“ и на Случајот Нешковски“, семејствата на обвинетите во „Монструм“ и нивните адвокати биле повикани на средба со Јавната обвинителка, а сé уште се чека одлуката за разгледување од СЈО и на случаите „Сопот“, „Диво Насеље„ и „Ровер“.
„’Специјално за СЈО’ е автономно тело составено од граѓани на Република Македонија кои како носител на суверенитетот на државата се првите повикани да воспостават владеење на правото во државата. Како засегнати граѓани, сметавме дека е неопходно формирање на ваква платформа, во моменти кога оваа важна институција е попречувана да ја извршува својата работа. Работиме на придобивање на поддршката на многу јавни личности, невладини организации, активисти и воопшто, граѓани кои се засегнати за својата иднина. Во моментов, кон таа институција е покрената т.н. специјална војна“ , известуваат иницијаторите на „Специјално за СЈО“.
Тие, исто така, најавуваат настани, реакции и лобирање и директно помагање на работата и функционирање на институцијата СЈО. На тој начин, ќе се обидат да се борат против сите опструкции за непречено функционирање на СЈО.