ЦИВИЛ – Центар за слобода организира јавен настан на отворено на тема „Граѓаните набљудуваат, снимаат, објавуваат“ на платото пред Домот на културата во центарот на Тетово, в четврток, на 12 мај, со почеток во 20 часот.
Тимот на ЦИВИЛ ќе ги проектира досега наградените трудови на граѓанските новинари во рамките на проектот Граѓански објектив, а ќе биде достапен да одговори на прашањата на заинтересираните граѓани за проектот и за условите за учество во месечните натпреварувачки циклуси во проектот.
Со музика, проекции и разговори, ЦИВИЛ ќе се обиде да го промовира граѓанското новинарство во овој град.
Граѓански објектив е проект во кој се комбинираат истражувањето, медиумските активности и активизмот, кои се основа за долгорочно изборно набљудување. Овој проект ќе придонесе кон развој на граѓанското новинарство во земјата.
Општа цел на проектот е да се зајакне јавната свест за политичките процеси во контекст на претстојните избори и да се алармира домашната и меѓународната јавност за измамничките практики во изборните процеси.
Намената на проектот е да се идентификуваат и обелоденат случаите на кршење на гласачкото право во интерактивна и динамична активност која ќе ги вклучи активистите за човекови права, медиумите и општата публика, со прибирање фотографски, видео, аудио и пишан материјал, кој ќе послужи како основа за понатамошно набљудување, анализа и известување за изборниот процес.
Проектот е поддржан од фондацијата National Endowment for Democracy.