Од ЈСП денсека најавија дека Град Скопје ќе поднесе кривични пријави против лицата кои го попречуваат редовното функционирање на градскиот превоз, откако Скопје денеска остана без јавен превоз поради штрајкот на возачите на Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје кои денеска се собраа со протест да го изразат незадоволството поради тоа што не им е исплатена септемвриската плата.
„Од утринава, дваесетина луѓе од ССМ и т.н. независен синдикат на ЈСП спречуваат возачите на автобуси редовно да си ги вршат своите работни задачи, спротивно на член 35 од Законот за Јавните претпријатија со кои се уредува начинот на штрајк. Овие дваесетина лица немаат штрајкувачки одбор, ниту пак имаат пријавено редовен штрајк. Дури и во случај да го имаа редовно пријавено штрајкот, истите согласно Законот за јавни претпријатија мораат да обезбедат редовно функционирање на претпријатието додека трае штрајкот. Поради ова, Град Скопје ќе ги почитува законските мерки и ќе поднесе соодветни кривични пријави против лицата кои го попречуваат редовното функционирање на јавното претпријатие и го држат во заложништво Скопје и скопјани“, стои во соопштението од ЈСП – Скопје.
Оттаму додаваат дека Градот вчера подготвил одлука за пренамена на средства, со кои ќе се обезбеди исплата на последната плата која доцни пет дена.
„Апелираме до членовите на управниот одбор на ЈСП да постапат согласно нивните законски обврски, во спротивно ќе бидат дел од кривичната пријава поради незаконско организирање на штрајк и попречување на работата на претпријатието“, стои во соопштението на ЈСП-Скопје.
ЈСП-Скопје и понатаму обвинуваат дека доцнењето е поради неисплата на долгови кон претпријатието од страна на Министерство за образование и општините. Вчера Министерството за образование и наука негираше дека има било каков долг кон ЈСП-Скопје.
Град Скопје повика претседателот на Советот на градот да закаже во најкус можен рок вонредна седница во текот на денов, за да може веднаш да се изгласа одлуката изготвена по вчерашната вонредна седница, за пренамена на средства со кои вработените во ЈСП „Скопје“ веќе утре би ја добиле септемвриската плата.
-Иако законскиот рок за исплата на платите е до 15 текот на месецот, дел од менаџментот на ЈСП одлучи дека треба со манипулации и подбуцнување на дел од вработените да го остави градот без јавен превоз со образложение дека се доцни со исплата на плати, денес градот Скопје изнајде решение за итна исплата на средствата. Исто така, апелираме до оние кои ги инструираа дел од т.н. синдикалци да обезбедат правна помош за нив, бидејќи спротивно на Законот за јавни претпријатија и работнички права, денес ја попречија работата на ЈСП без притоа да пријават штрајк и да формираат штрајкувачки одбор со што согласно чл.35 од горенаведениот закон се и кривично одговорни, наведува Град Скопје во соопштение до медиумите.
Одговорност мора да има, се наведува во дописот, и ќе се бара и од членовите на управниот одбор на ЈСП и нив Град Скопје ги повикува да поднесат оставки.
-Ги повикуваме и членовите на управниот одбор на ЈСП назначени по предлог на ВМРО-ДПМНЕ да си поднесат неотповикливи оставки поради доведување во заблуда на дел од вработените во претпријатието и предизвикување прекин на работните задачи на вработените, се наведува во соопштението на Град Скопје.
За денеска во 13 часот повторно е закажана вонредна седница на Советот на Град Скопје, откако вчера советниците побараа од градоначалничката Данела Арсовска да достави одлука за прераспределба на средства за платите на вработените во ЈСП.