Ниту денешниот очаен обид на градоначалникот на Аеродром, Златко Марин, во форма на некаква прес- конференција на која не кажа ништо ново, со арогантно однесување кон новинарите, заборавајќи дека тие се тука на негова покана а не обратно, не ги предомисли неколкуте стотина граѓанки и граѓани да го искажат својот револт од започнувањето со изградба на парцелата кај Мајчин дом, единствената зелена површина која остана долж булеварот Јане Сандански.
Протестот помина релативно мирно со неколку обиди да се создаде неред и поголема ескалација од страна на поединци кои ги спречија самите граѓани. Обидите да се сруши заштитната ограда околу парцелата останаа неуспешни, делумно поради тоа што оградата е многу цврсто поставена, а делумно и поради Единиците за брзо распоредување кои експресно им дојдоа на помош на колегите од МВР. МВР и ЕБР бранат приватен имот со државни пари!
Градоначалникот очекувано, не се појави, но испрати свои претставници кои побараа од дел од организаторите по протестот да се упатат на средба со него. Поканата експресно беше одбиена, а причините се повеќе од познати. Пред неколку месеци иницијативата „Со фудбал до зелен Аеродром“, оствари средба со градоначалникот, на која тој вети дека ќе ги употреби сите механизми кои му стојат на располагање за да го спречи започнувањето на изградбата, дури и дека ако не успее во тоа дека ќе се заложи зградата да не го опфаќа целиот простор, односно да биде помала. Оттука е логична денешната реакција на граѓаните и одбивањето на средба со градоначаликот. Овој пат наместо тој да им ја објасни ситуацијата, редно е тие да му ја објаснат нему!
Покрај тоа што очигледно, градоначалникот Марин, не научил како се однесува на прес-конференција и нема никаква почит кон новинарите, очигледно докрај не научил и како се лаже. На новинарско прашање околу евентуалната оштета која би му се исплатила на сопственикот на земјиштето доколку не се издадеше дозвола за градба Марин рече дека во неформален разговор инвеститорот побарал околу 8 – 10 милиони евра. Неформален разговор со инвеститор не значи и исцрпување на сите можности!
На денешната прес-конференција Марин уште еднаш потврди дека заборавил на сите ветувања кои ги даде во времето кога се кандидираше за градоначалник на општината. Просто човек да се запраша дали воопшто ја има прочитано програмата со која се кандидраше и го доби својот мандат? Го пренесе својот личен став дека и тој не сакал да се гради оваа зграда, но рацете му биле врзани, потенцирајќи дека нема намера да си даде оставка само заради неколку негативни коментари на Фејсбук. Очигледно Марин и покрај речиси година од своето раководење со општината не ја сфатил до крај својата улога како градоначалник, односно дека јавноста и граѓаните на општината не ја интересираат неговите лични ставови, туку јавните ставови и неговите одлуки како „татко“ на општината. Со самата ваква изјава тој призна дека не успеал да го реализира своето главно предизборно ветување, и ги довел во заблуда граѓаните кои гласале за него, заради што коректно би било да си даде оставка. Значи оставка, не заради негативни коментари, туку заради неспособност!
Ваквите потресни изјави и наводната поддршка од градоначалникот за денешниот протест остануваат само празни зборови. А потврда за тоа е повторно денешната прес конференција каде на новинарско прашање – дали смета дека е задоцнета неговата реакција, алудирајќи на прес-конференција по веќе започнатата градба, тој не даде одговор, туку грубо го прекина новинарот, велејќи му дека не му го разбира прашањето. Па еве ќе прашаме повторно: Зошто навремено не ја извести јавноста за намерите на Општината и донесените одлуки? Зошто чекаше да се појават багерите, а со нив и револтот на граѓаните? Зошто не ги санкционира истите што работат во доцните часови и создаваат врева? Зошто не им даде можност на граѓаните да одлучат дали парите за надоместок на сопственикот на парцелата се многу во замена за зачувување на зеленилото? Зошто прес-конференција пред најавен протест? Претходно не не сфаќаше сериозно или што?
„Борбата за зачувување на зеленилото пред Мајчин Дом ја започнав пред една година и ја продолжувам, заедно со граѓаните. Во последната година поднесени се 13 претставки до Уставниот суд против ДУП И10. Сите потребни документи се веќе доставени до судот. Претходното раководство на Општина Аеродром, на чело со ВМРО ДПМНЕ, ја овозможи изградбата на зграда пред Мајчин Дом, со носење на ДУП И10. Формираме Совет за урбанизам во рамки на Општина Аеродром со претставници од граѓанските организации и експерти од областа на урбанизам. Сите заедно ќе ги браниме интересите на Аеродром“, објави Марин на својот Фејсбук профил.
Зошто тогаш воопшто ја издаде дозволата, ако Уставниот суд се уште одлучува по преставката? Зошто едноставно не го спречи градењето до конечната одлука?
Многу прашања остануваат отворени. Но и многу решенија за кои Марин очигледно нема поим, затоа што да имаше, немаше еден ДУП да го стави над сите закони во оваа држава!
Едно од нив е мораториум. За потсетување, Советот на општина Центар донесе одлука за запирање на спроведување на 31 Детален урбанистички план за подрачјето на општината. Оваа одлука е донесена на предлог на градоначалникот Саша Богдановиќ. Оправданоста за овој потег е дека при донесување на голем дел од овие ДУП-ови, кои се носени во доцните ноќни часови, не е изготвен извештај за стручната расправа и јавна анкета (токму како што е и случајот со Аеродром) Оваа одлука на општина Центар сè уште е на сила. Но, оваа можност, денеска, Марин ја квалификува како незаконска.
Во превод, она што Марин може да го направи, ако навистина сака, како што вели, е Општина Аеродром да донесе Одлука за стопирање на изведување на сите Урбанистички планови на својата територија до нивно целосно ревидирање, а врз основа на повеќе нерегуларности на кои посочуваат граѓаните, посочуваа советниците, но посочуваше и самиот тој додека не стана градоначалник. Општината како единица на локалната самоуправа има законски можности за носење на одлуки – Поглавје 10 – Донесување на одлуки од Деловникот на општина Аеродром.
Но вистинското прашање е дали навистина се сака. Доста е од изговори од типот „се е согласно законите“ и „ проблемот не може да се реши“. Доста е од објаснувања дека сето ова е наследено од минатата власт. Тоа ни е јасно, затоа и ги сменивме. Онака како што ќе ве смениме и вас доколку не престанете да ни штетите нам граѓаните кои ве избравме! Решенија или оставка, прашање е сега?
Маја Ивановска