Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска одржа редовен онлајн координативен состанок на кој учествуваа министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, претставници од естонската Академија за е-Владеење (e-GA) и УСАИД во Северна Македонија, како и претставници од Агенцијата за електронски комуникации, кои работат на проекти поврзани со сајбер безбедноста во земјата, информираат од Владата.
Вицепремиерката Грковска истакна дека координацијата на активностите меѓу секторите кои работат на зајакнување на капацитетот во делот на сајбер безбедноста е многу важна за да не дојде до преклопување на проектите, од една страна, но и да се зголеми соработката и ефикасноста на проектите кои се спроведуваат во Република Северна Македонија со поддршка на странски партнери.
На состанокот, учесниците се запознаа со активностите кои во моментов ги спроведува Министерството за информатичко општество и администрација заедно со работната група која во делот на сајбер безбедноста се фокусира на неколку клучни аспекти, а тоа е енергетиката, банкарството и финансиите, како и комуникациите и технологијата, но и на градење на дигитална отпорност на системот.
Претставничката од УСАИД Дон Кармин, ја поздрави иницијативата на вицепремиерката Грковска и нагласи дека редовната координација со E-GA ќе биде од големо значење во реализацијата на проектите.