Задолжителен тест на дрога кај средношколците и кај учениците од деветто одделение, контрола на оружјето што го имаат граѓаните, анализа на казните за извршителите на насилство и контрола на интернет-провајдерите се меѓу мерките што денес ги претстави професорот Марјан Ѓуровски како дел од предлозите за зголемување на безбедноста во училиштата.
Тој заедно со тим професори од Филозофскиот факултет го спроведува научноистражувачкиот проект „Безбедноста во училиштата – градење механизми на превенција од ризици и рано предупредување“, со кој, како што нагласи, Универзитетот „Кирил и Методиј“ ја става во прилог на праксата за градење механизми за рано предупредување за насилство, особено по убиствата во Србија.
„Во трката за пари, по кариера или по преживување, се заборава на децата. Потребен е системски пристап, смета професорот Марјан Ѓуровски од Институтот за безбедност, одбрана и мир. Сите ние во суштина ја делиме одговорноста за денешната наша реалност. Родителите, наставниците, децата и системот. Значи не може да покажеме со прст, конкретно за одговорност, затоа што на еден или друг начин, придонесуваме за ова што денес го живееме. Дополнително, придонесуваат и геополитичките случувања, медиумите и реалноста во која живееме, изјави Ѓуровски.
Дел од предлозите на експертите се да се разгледа можноста за предметна програма од областа на безбедносната култура во основното, средното и високото образование, да се направи контрола на лесното и мало оружје и да се направи анализа на казнената политика во делот на извршителите на насилство.
„Министерството за правда предлагаме да направи анализа на казнената регулатива во делот на политиката на извршителите на насилство. Предлагаме и да се размисли за воведување на задолжителен тест кај учениците од средно образование и од деветто одделение за наркотични средства, еднаш до два пати во текот на училишната година. Треба да се размислува и за обврски на носителите на медиумски услуги, интернет провајдерите, бидејќи дел од тие дарк страници што се користат, се потенцијален ризик“, рече Ѓуровски.
Сега е моментот, посочи Ѓуровски, кога се врши пререгистрација на дозволите кај граѓаните и мора да се зајакне контролата на начинот на чување на оружјето и почитувањето на регулативата кај стрелиштата.