Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш го повика светот да дејствува на следниот самит за климата (COP27) со цел да се спречат климатските катастрофи и да се спаси човечкиот род.
Ова е прашање на живот и смрт за нас, за нашата безбедност денес и за нашиот опстанок утре, изјави Гутереш за медиумите во седиштето на ОН во Њујорк, по повод отворањето на подготвителниот состанок на годишната климатска конференција (COP27) што се одржува следниот месец во Египет.
Тој потсети дека ова лето „климатските влијанија низ светот се огромни“.
Една третина од Пакистан беше поплавена. Летото во Европа беше најжешко во последните 500 години. Филипините беа погодени. Цела Куба е во мрак. А овде во САД, ураганот Ијан брутално потсети дека ниту една земја, ниту една економија не е поштедена од климатската криза, нагласи шефот на ОН.
И секое „непреземање мерки по загубата и уништувањето“ предизвикани од климатските катастрофи „ќе доведе до натамошно губење на довербата и климатски штети“, предупреди тој, повикувајќи го COP27 да „преземе акција“.
Тоа е морален императив, заклучи Гутереш.
На подготвителниот состанок во Киншаса ќе учествуваат министри за животна средина и експерти од шеесет земји.
Висок функционер од Египет, каде во ноември ќе се одржи климатската конференција COP27, денеска изјави дека околу деведесет шефови на држави го потврдиле нивното пристигнување.
Добивме голем број потврди од целиот свет, мислам дека последната бројка беше околу 90 шефови на држави, но потврдите сè уште пристигнуваат, потврди Ваел Абулмагд, специјален претставник на претседавачот со COP27, без да именува конкретни земји.
Египет го презема од Британија претседавањето со преговорите за климата на ОН, а ќе биде домаќин на преговорите од 6 до 18 ноември во одморалиштето Шарм ел-Шеик на Црвеното Море.
Силно веруваме дека ни е потребна сета политичка волја, моментум и насоки што доаѓаат од шефовите на држави за да го поттикнеме процесот напред, додаде Абулмагд.
Египет работи на тоа да се вклучи компензација за климатски ранливите земји кои веќе страдаат од временските екстреми поврзани со климата во официјалната агенда на самитот.
На минатогодишниот COP26 во Глазгов, САД и Европската Унија ги отфрлија повиците за основање фонд за компензација на таквите загуби.