Светот е погоден од тешките последици од бруталната руска агресија против Украина. Во реакцијата на слободниот свет, Германија е меѓу водечките држави. Германија останува многу силен сојузник на слободниот свет кој ѝ помага на украинската нација да се избори за мир и слобода. Северна Македонија се придружи на тој слободен свет, но се соочува, како и другите земји, со поларизација во општеството во овој контекст.
Амбасадорката на Германија во Северна Македонија, Н. Е. Анке Холштајн во интервју за ЦИВИЛ МЕДИА вели дека е клучно Европската Унија и понатаму да остане сложна, а во истовреме потенцира дека Германија високо го цени ставот на Северна Македонија за осуда на руската агресија.
-Дозволете ми најпрво да кажам дека Германија исклучително цени што Северна Македонија многу брзо, во првите часови се приклучи на санкциите на ЕУ кон Русија, како и на претходните санкции уште од 2014 година. Од самиот почеток Северна Македонија се придржува на принципите, Парламентот ја осуди агресорската војна, земјата прифаќа бегалци, земјата испраќа оружје, и се приклучува и понатаму кон сите санкции, ги поддржа соодветните декларации во ОН, тоа е став кој ние високо го цениме и сме благодарни за него.
-Лично, помислата дека во секој момент, дури и во овој додека ние зборуваме, умираат луѓе во Украина за нашата слобода и нашите вредности, ми е тешко поднослива.
-Верувам дека во иднина е клучно Европската Унија и понатаму да остане сложна, тоа е предизвик.
-Само кога Европската Унија и сите мирољубиви демократски слободни земји и понатаму останат сложни, цврсто и заедно, можеме заеднички да се надеваме дека оваа војна наскоро ќе заврши.
-Таков еден крај мора во секој случај да го гарантира територијалниот интегритет на Украина.
-Како што реков, за нас како Европејци клучен предизвик е: Мораме и понатаму сложно да дејствуваме. Мојот омилен цитат од Барак Обама е: „ЕУ е мојот најдобар партнер кога е обединета“.
Џабир Дерала
Камера: Атанас Петровски
Монтажа и фотографија: Ариан Мехмети
Холштајн: За нас, како Европејци, клучен предизвик е и понатаму сложно да дејствуваме