пишува: ВОЈО МАНЕВСКИ
Секој човек гледа само до работ на својот хоризонт. Може да го види само она што природата му дозволува и на највисоката планина да се качи, сепак ќе може да види само дел од природното опкружување. Во човечката заедница има поединци кои можат да согледуваат до сопствениот праг, до крајот на својата улица, град, најблиското ритче. За да се нарече целина една држава мора да има поединци кои можат да ги согледуваат состојбите во целата држава.
Не секој народ има поединци кои догледуваат, согледуваат и предвидуваат подалеку од својата држава, насочувајќи ги државните интереси на својот народ низ помирните води на светските океани. Такви умови ниту големите народи немаат во изобилство, а пак малите и сиромашните само некаква вселенска среќа може да ги дарува со такви лидери. Но и без нив животот си тече и ние малите обични смртници мораме да се снаоѓаме во секоја вода, во секоја бара.
Од длабоки мисли и нема некое фајде, но приказнава ќе ви ја раскажам само да го досликам моментот со обична човечка приказна, за луѓе кои се во потрага на својот хоризонт кој секогаш се оддалечува, оставајќи ги на сред море на обичен сплав, додека среќниот свет плови на јахта и пие џин и тоник.
Овие ковид времиња не само што нè уплашија, туку и видикот ни го сведоа на далечина од два метра од носот (пропишана дистанца), па не ги препознаваме ниту оние што често ги среќаваме, а другите ги одминуваме без задолжителното климање глава.
Замотан со две маски и со капа минував низ студените улици на мојот град минатата недела, која и официјално стана пролетна, ама изгледа идеолошки е нејасна, па премногу личи на претходничката. Исти паталци како мене, само ме одминуваа несигурни дали да ми кажат поздрав или да ме одминат. Одминав една повисока фигура и таман да се сместам во сигурноста на дистанцата некој викна: Чичко Војо, ти ли си?
Таман сакав на новоселски да му одговорам – јас мислам дека сум јас, ама другите не можам да ги уверам во тврдењето, кога сопственикот на силниот баритон ја тргна маската и широко се насмеа. Ме заборави ли чичко Војо, јас сум Игор на Никола. Во истиот миг се потврди тезата на Кљосов дека синовите ги наследуваат татковите гени. Ликот беше ист, ама датумот е друг и во главата ми настана збрка. Веднаш помислив дека имам последици од ковидот и нешто ми се причинува. Стоев збунето, а Игор ми пријде и кршејќи ги правилата за дистанца силно ме гушна. Ууу, отидоа две илјадарки си реков и безобразно се свртев да проверам дали сум веќе во некој радар на внимание.
Е, бре чичко Војо не сум те видел повеќе од 15 години. Се восхитив од неговата можност за препознавање, зошто ниту јас не го препознавам ликот во огледалото што гледа во мене секое утро, а не некој што не ме видел петнаесет години. Никола да беше ќе верувам дека ме познал, ама за тебе ни на сон му одвраќам веќе со една маска симната. Која ли мака тебе те тера да се шеташ во оваа невакцинирана држава Игоре, колку знам ти одамна отиде да се докажуваш во други простори и далечини?
Па ако имаш време чичко Војо ќе ти раскажам и тоа веднаш доколку има некоја слободна маса во кафулето отспротива? Е бре дете, па јас само време имам, сѐ друго потрошив и широкоградо прифатив да седнам во кафулето и тоа на пропишана дистанца.
Истите црни веѓи и умислени очи, лице со остри агли како што доликува на машки пол од пред независните времиња и густа коса со дебелина на влакна како четворка арматура. Да така изгледаше неговиот татко во осумдесеттите, кога студираше градежништво и сонуваше да го сретне проф. Жежељ и да му ги каже сите идеи што сам ги смислил за кесонирање на столбовите за големите мостови. Сега пред мене седеше неговиот Игор и ми порачуваше топло кафе. Бре Ајнштајне колку си бил во право, се било релативно.
Знаеш чичко Војо, кога се запишав на Градежан факултет во деведесет и осмата мислев ќе завршам на брзина и со татко ми ќе направиме заедничка градежна компанија, па ќе работиме. Никола мој, сѐ уште работеше во Пелагонија и некако крпевме. Се приватизира фирмата, татко ми самоуправен фактор не можеше да го прифати тоа и по неколку месеци си даде оставка. Во Србија почна бомбардирање, а овде на власт дојдоа неговите палири од градилиштето. Работевме заедно како мајстори по зградите во Штип и околината.
Некој ваш исписник со кого сте слушале Азра од Хрватска, воспостави контакт со татко ми и ние пред оној судирот во Македонија за права на загрозените ни сограѓани, преку Бугарија стигнавме во Малме. Азиланти се направивме, ама такво беше времето. И што понатаму да ти раскажувам. Од градилиште на градилиште. Јас не го завршив овде факултетот, но не се жалам. Добро сум платен и како надзорник на градилиште. Знаеш чичко Војо, таму многу не им веруваат на нашите дипломи. Прво те гледаат во грбот и во рацете. Да се сигурни дека можеш да работиш, а после ако те бива, една по една врата ти се отвора.
Е бре дете, колку пати сум слушнал ваква приказна. Некоја потешка, некоја посреќна, но секоја со своја вистина.
Го отпивам кафето, а неговата приказна ми ги зоврива антителата што ми се поледица од короната. Изустив: татко ти Никола како е?
Па затоа и дојдов, тој не може да дојде. Правам пауза како после лута ракија и плашливо прашувам – не може или не сака?
Ех, гледам дека не знаеш. Мој Никола имаше несреќа при градба на едни столбови за мост во Северна Шведска. Кесонот излезе неисправен и се појавија гасови. Прв него го зафати и остана во болница две години. Сега е добар само тешко се комуницира со него. Некогаш е расположен и по цел ден бара најбрз начин да си дојде до Штип. Од овде до овде со воз ќе одам да го видам големиот мост во Копенхаген, па со авион до Будимпешта, тој мостот со синџири да го изодам.
Во Нови Сад ќе постојам на Жежељевиот мост и после со што и да најдам директно дома. Царскиот мост во Штип има да го премерам од камен до камен, а на Каменик мост ќе запалам цигара, па кај Заки на пиво. И одеднаш ќе замолчи, нити Македонија споменува, ниту за Шведска зборува. Реди мали дрвца од ќибритчиња, ги спојува и прави некаков мост. И таман мислам дека ќе го заврши мостот тој го руши и седнува да и објаснува на мајка ми дека темелите не биле добро пресметани и дека мора се одново.
Кафето е испиено, а во дното на филџанот барам некоја фигури да препознам. Сите ми се познати и ниту една не ми е јасна, дотаму е мојот хоризонт.
Гледам во веселото лице кое ми раскажува живот и барам зборови што ќе остават впечаток. И тие пустите не го наоѓаат патот до грлото. И ним како портир да им е Ковид-19.
На крај само прашав, на колку дена си овде?
Дојдов да го реновирам станот. И онака во Шведска сме изоглавени до средината на годината. Имам еден објект, ама ќе почека додека малку стивне оваа несреќа. Сѐ си мислам дека еден момент татко ми ќе се освести и знам дека тогаш ќе посака да си дојде. Знам дека ќе речеш – во Шведска условите се подобри, ако треба и има подобра медицина, ама јас знам што тој навистина сака.
Не, Игоре го знам татко ти одамна, до крајот на неговиот живот тој ќе ја бара тајната на темелите на неговиот мост. Како на оној таму камен мост што ние го викаме Каменик, што стои на исто место веќе половина милениум.
Ух бе короно, навистина оставаш последици. Се поздравив со момчето, а не го прашав дали се попиша, дали ќе биде овде за пописот, што мисли за политичката состојба во нашата татковина. Што за Заев и Мицко мислат нашите таму, знаат ли тие за широките демократски капацитети на нашите лидери. Абе прашања колку сакаш. Ни за кавгата со Бугарија не го прашав што мисли. Клапсамун си е клапсамун и кога има бајаги години.
Провинцијализмот не е географска одредница, туку состојба на духот. Ако од таа состојба се исчекори, хоризонтите не се само додека очите ти гледаат, туку додека умот ти сече.