пишува: САШО ОРДАНОСКИ
Почеток на октомври, а сите бројки и статистики со пандемијата одат во погрешна насока! За некоја недела, ова нема да биде академска дебата за тоа дали е „втор бран“ или „трет бран“ на ширењето на вирусот во многу земји во светот, со акцент на Европа, туку ќе констатираме епидемиско цунами што се заканува да ги збрише здравствените системи од лицето на модерните државни структури.
Македонија полека, но сигурно, фаќа приклучок кон тие панични експоненцијални трендови. Во изминатите неколку денови бројни лекари од различни специјалности драматично предупредија на влошувањето на ситуацијата. На пример, во вчерашното интервју за „Слободен печат“ д-р Александар Стојанов, директорот на Центарот за јавно здравје во Скопје, со брутална отвореност порача: „Ковид не разликува свадба од погреб, самото групирање е проблемот. Каде ќе легнат овие луѓе дали размислуваат, дури и да направиме балони на дување и да ставиме кревети и да ги претвориме во болници, кој ќе ги лекува? Ние и сега кубуриме со персонал, во Скопје на пример имаме 180 заболени, верувајте не можеме да постигнеме сите ниту да ги анкетираме!“
Тоа е она што особено загрижува, бидејќи се чини, дека „техничкиот“ дел од системскиот одговор на епидемијата – респиратори, болнички кревети, медицинска опрема, лекови, здравствени протоколи… – е помалиот дел од проблемот. Растечката криза којашто, како успорена железничка хаварија, дневно се одвива пред наши очи е ограниченоста на здравствениот кадар кој, и според бројот и според нивната специјалност, нема да може да одговори на ширењето на заразата.
СИТЕ експерти порачуваат во еден глас: одложете дружења, семејни прослави, кафеани и какви било групирања! Игнорирајте ги локалните глупаци и лудаци кои велат дека маските и држењето дистанца не помагаат – го немаме сите на располагање луксузот на медицинскиот третман како во Белата куќа.
Само во последните две недели дузина луѓе кои лично ги познавам, од сите полнолетни возрасти, се заразија од вирусот. Речиси сите тие се лица за кои знам дека внимаваат на своето „анти-вирусно“ однесување. Неколкумина од нив, и пред кризава, ги исполнуваа сите битни критериуми за она што се нарекува хипохондрици. Па, сепак… А од сите со кои контактирав за да им изразам поддршка и подготвеност за помош, јасно ми е дека личното искуство со заразава, лекувањето, изолацијата и стресот низ којшто поминале, помалку или повеќе, им го има променето животот.
Нормално, и самиот се фаќам дека доследното придржување до здравствените препораки се одразува врз она што го работиме и од што живееме. На пример, деновиве се подготвуваме за продолжување на втората сезона на „Утрински брифинг“ и со прекрасната екипа колеги од проектот мака мачиме како да ја задржиме „нормалноста“ на професионалните медиумски потреби кои подразбираат програма во живо, десетина соговорници дневно, одење на настани и редовни средби и состаноци, а сето тоа под „притисокот“ на епидемиолошките протоколи. Свесно прифаќаме ризици кои, колку и да се минимизирани, сепак постојат, оти не може сè да се предвиди и да се исконтролира. „Предметот“ на нашата, новинарска професија се луѓето, а тие, несакајќи, ја шират заразата.
Па, добро, тогаш, што да се прави?!
Токму она што го пропишуваат и нашите и многу други власти: за да се зачува некаква социјална и економска „нормалност“, промената на однесувањето е неизбежно, а строгото спроведување на протоколите е задолжително. Оние дејности, пак, каде ризиците од зараза се предвидливо високи, има да ги нема, барем до догледна, подобра здравствена иднина! Џабе демонстрации и прес-конференции. Тоа е.
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Тесктот е личен став на Авторот.