ДЕХРАН МУРАТОВ
Лидерот на опозициската Левица, Димитар Апасиев, на 5 јули најави радикализација на протестите против францускиот предлог, а откако протестите станаа порадикални, односно насилни, од партијата се дистанцираа. Ги хушкаше членовите, симпатизерите, поддржувачите да се радикализираат, а потоа ги пушти „низ вода“. Се оградува од нив демек беа „провокатори“, „полициски инфилтратори“ „ЦИА“, бла, бла… Уапсените дечки, кои беа нахушкани, сега ќе се влечкаат по судови, затвори, а тој и понатаму ќе си биде пратеник и ќе зема плата, и тоа од Собранието на Република Северна Македонија.
„Сус бе копуци (најлитературен македонски јазик), преку глава од сè, аргументот е тој, идеме или тие или ние. Ќе започнеме со јајца и тоалетна хартија, а може и со некои други методи“, рече Апасиев во интервју за Инфомакс, на протестот пред Влада на 5 јули, против „францускиот предлог“ за отстранување на бугарското вето за почеток на пристапни преговори со ЕУ, под мотото “Ултиматум, не благодарам“.
Ден потоа, партијата се огради од насилните протести тврдејќи дека нивните членови не нападнале полицајци и не носеле фантомки. Да, не носеа (сите) членови фантомки, поголемиот дел носеа марами околу лицето, а некои од нив носеа “анонимуси“ маски. Идентитетот го бранат, криејќи си го идентитетот!?
„Власта планира за убаци (уфрли) провокатори за да го амортизира отпорот“, рече Јована Мојсоска од Левица за ТВ 24, која патем протестира за зачувување на македонскиот јазик.
Ете дури и да им поверуваме (а не им веруваме) дека „власта планира да УБАЦИ провокатори“, се поставува прашањето – зошто не ги спречија провокаторите? Зошто не застанаа пред полицајците и со жив штит да ги бранат? Има уште многу „зошто“, ама…
Досега тие не се оградија ниту ги спречија насилниците на антиевропските протести, кои уништуваа државен имот, нападнаа полициски службеници и скандираа навредливи содржини како „Чиста Македонија“ и „Смрт за клетите ш****ри“. Немаа ниту „редари“ за да ја контролираат толпата и евентуално да спречат да дојде до меѓуетнички тензии кај „Скендербег“.
Правото на протест е човеково право и никој не смее да го ограничува или спречува.
П.С. Инаку лидерот на „најтранспарентната“ партија дозволува да му коментираат (читај фалат) само неговите партиски членови.