Според СОС, Хелсиншкиот комитет за човекови права е крајно партизирана и политизирана организација која работела на политичка агенда во корист на опозициската СДСМ, а дел од донациите што ги добивала од Фондацијата Институт – Отворено општество Македонија (ФИООМ), ги префрлувала на други, помали, невладини организации низ државата. Според СОС, Хелсиншкиот комитет во „критичниот период“ (алудирајќи на изборните кампањи од 2012 до 2016 година), од ФИООМ добил донација од преку 200.000 евра кои биле користени за предизборната кампања во корист на СДСМ. СОС обвинува дека првите луѓе на Хелсиншкиот комитет – Гордан Калајџиев, Уранија Пировска и Мирјана Најчевска биле „секогаш први на протестите организирани од СДСМ“.
„Ваквите тврдења не само што не се точни, туку се насочени и кон омаловажување на угледот на нашата организација и повреда на честа и угледот на нејзините членови. Хелсиншкиот комитет е организација за промоција, унапредување и заштита на човековите права и не служи за потребите на политичките партии“, стои во демантот на Хелсиншкиот комитет.
На листата организации кои денес јавно излегоа со демант на обвинувањата од СОС, покрај Хелсиншкиот комитет се најдоа и Евротинк- Центар за европски стратегии (Македонски центар за европско образование – МЦЕО), НВО Инфоцентар, Пактис – Прилеп, Фондација за локален развој и демократија – Фокус, Младински културен центар – Битола и Регионален центар за одржлив развој – Кратово.