пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Не знам дали вие се сеќавате драги мои, на протестите на АМАН во 2012 и 2013 година. Но, знаете добро дека, ако некој не се сеќава, „не се бавел со политика“ или можеби сака да заборави, тука е Младиќот и кристалната топка да потсетат.
Во 2012-13, илјадници граѓани, во повеќе градови низ земјата, неколку месеци по ред протестираа против речиси стопроцентното покачување на струјата, кое во тој период беше „надградено и проширено“ со покачување на парното и бензините.
Тие граѓани, кои собраа и над 13.000 потписи и доставија и формално предлог-закон кој им беше надгласан во Собранието, само поради различно мислење и ставови, иако протестираа најпристојно, ненасилно, граѓански, се соочија со брутални хајки од страна на власта и нејзината пропагандна машинерија.
Се напаѓаа учесници на протестите, се заокружуваа со црвени кругчиња и се прогласуваа за платеници, предавници, слуги на Сорос, Грците… Активистите постојано чувствуваа потреба да се дистанцираат од партиите, да ги повикуваат сите на протести без оглед на партиска припадност, иако власта постојано обвинуваше дека се работи за партиски протести на СДСМ.
Истовремено, владејачката партија организираше вработени во администрацијата да излезат на контрапротести за приватизацијата на ЕСМ склучена во претходната деценија, и да ги дискредитираат протестите на АМАН, барајќи од нив да не протестираат за сегашноста, туку да се приклучат на контрапротестите на власта и „Изгор приватизација“ за минатото.
Денес, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се на протести за струјата која поскапува за 7%. Нема контрапротести на власта и администрацијата за струјата поскапена за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ од речиси 100%.
Освен тоа што нема контрапротести, денес, иако неколку недели траат протести на неформални иницијативи за струјата, никој не ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ за узурпација и партизација на граѓански протести.
Нема ниту заокружувања на луѓе со кругчиња, ниту пак хајки со етикетирања, навреди и говор на омраза, ни кон луѓето кои се неколку недели на протести, ниту кон ВМРО-ДПМНЕ, која денес излегува првпат на протест на оваа тема.
Во 2012-2013, за протестите на АМАН известуваа една до две телевизии и неколку портали. Денес, протестите ги има на речиси сите медиуми.
Не знам како ви личи вам, драги пријателки и пријатели. Мене ми личи дека многу работи од минатото ги нема. Тоа е добро.
А што има? Има разлика. Видлива за секој оној што сака да гледа, а не сака да мижи со сила. Тоа е уште подобро!