На крајот на работната недела, прашањето на денот е во форма на граѓански форум со целосно отворен карактер. Граѓанките и граѓаните се поканети да споделат порака, барање или прашање што тие самите мислат дека е најитно – за нив, за нивната средина, заедница, работен колектив, или за општеството и државата. Накратко, секое прашање и секоја тема, секој проблем, колку и да се чини дека е мал, всушност, има тежина и важност за нас.
Прашањето е малку поинаку формулирано во изминатите два-три петоци, но значењето е исто:
ГРАЃАНСКИ ФОРУМ: Ние прашуваме, тие (не) одговараат – која е вашата порака до политичарите денеска?
Коментирајте, прашувајте, посочете. Дајте пример, споделете искуство. Побарајте одговор. Ние сме тука – заедно со вас.
Зошто е додаден делот дека тие (не) одговараат? Впрочем, од искуство – тие најчесто и не одговараат. Тоа е и искуството на новинарскиот тим на ЦИВИЛ кои ретко кога добиваат точни, јасни и недвосмислени одговори од политичарите. Но за тоа ќе објавиме посебна анализа која, за жал, ќе биде колку смешна, толку и загрижувачка. А можеби најточно ќе биде да прашаме:
Ние прашуваме, тие бегаат одговори – ДО КОГА ВАКА?
Можеби политичарите контролираат најголем дел од медиумите, но граѓанките и граѓаните знаат каде нивните зборови, мисли и пораки ќе бидат прочитани со почит и уважување. Тоа е медиумската платформа на ЦИВИЛ – Центар за слобода, организација што навистина произлегува од заложбите на граѓанките и граѓаните – докажано во текот на 28 години постоење.
Коментирајте, прашувајте, посочете. Дајте пример, споделете искуство. Побарајте одговор. Ние сме тука – заедно со вас.
ЦИВИЛ – Центар за слобода












