И по објавата на американскиот претседател Доналд Трамп за енергетско примирје, нападите на рускиот агресор врз украинските градови и енергетската инфраструктура – продолжија. Украинските власти известија за погодени енергетски објекти во Кијив и Харкивската област, загинати цивили и нов ноќен напад со ракета и 121 дрон.
11 октомври: Теророт продолжи и по објавата за примирје
Трамп на 11 октомври соопшти дека Русија и Украина договориле веднаш да престанат со нападите врз енергетски објекти. Сепак, не објави детали, а Москва не го потврди договорот. Зеленски ја поддржа иницијативата, нагласувајќи дека очекува детали од Вашингтон и исто однесување од руската страна. Заштитата на цивилите од останатите напади не е опфатена со најавениот ограничен прекин на огнот.
Подоцна, украинскиот претседател соопшти дека руски „Шахед“ погодил електроцентрала во Кијив, предизвикувајќи прекини на електричната енергија во повеќе реони. Следувале напади врз енергетски објекти во Харкивската област по американската објава за примирјето.
Загинати во Харкивската област и Ивано-Франкивск
Вечерните напади врз предградијата на Харкив погодиле термоелектрана и продавница за храна. Во Писочинската општина загинале 16-годишно момче, 19-годишна девојка и 51-годишна жена. До утрото на 12 октомври биле пријавени 28 повредени, меѓу нив четири деца, известува Суспилне.
Во Ивано-Франкивск, напад со руски дрон со млазен погон вечерта на 11 октомври однел уште три животи, а три лица биле повредени.
Дир: Москва нема намера да ги почитува мировните договори
Украинската амбасадорка во Северна Македонија, Лариса Дир, во објава на X од 11 октомври доцна навечер, порача:
„рф го прекрши енергетското примирје, прогласено од Претседателот на🇺🇸, веднаш штом тоа започна. Нападот со дрон врз енергетски објект во Кијив и нападите врз енергетската инфраструктура во Харкивската област се јасен доказ дека Москва нема намера да ги почитува мировните договори“
рф го прекрши енергетското примирје, прогласено од Претседателот на🇺🇸, веднаш штом тоа започна. Нападот со дрон врз енергетски објект во Кијив и нападите врз енергетската инфраструктура во Харкивската област се јасен доказ дека Москва нема намера да ги почитува мировните договори https://t.co/wsjlZ37nRd
— Larysa Dir (@dir_larysa) October 11, 2026
Дополнување, 12 октомври: Сибига ја потврди подготвеноста на Украина за енергетско примирје
Во нова објава на X, амбасадорката Лариса Дир ја пренесе пораката на украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибига:
„рф го прекрши енергетското примирје веднаш по неговото објавување. 🇺🇦 е подготвена за целосно енергетско примирје под услов рф да ги запре нападите врз 🇺🇦енергетска инфраструктура. На рускиот терор треба да се одговори со сила, единство и решителност“.
Ноќта кон 12 октомври: Ракета и 121 дрон
Според украинските Воздухопловни сили, нападот што започнал во 18 часот на 11 октомври вклучи наведувана авијациска ракета Х-59 и 121 беспилотно летало, меѓу нив 76 со млазен погон.
До 09:00 часот по украинско време, противвоздушната одбрана соборила или потиснала 89 дронови. Регистрирани се погодоци на 15 локации, а пад на остатоци на уште четири.
Зеленски соопшти дека украинските вооружени сили ги добиле соодветните наредби во врска со најавеното примирје. Тој ја повтори подготвеноста на Украина да се воздржи од удари врз руската енергетика, очекувајќи Русија да ги запре нападите врз украинската.
ЦМ Деск
Овој извештај е подготвен врз основа на јавно достапни информациите и од извори на ЦИВИЛ МЕДИА достапни до 8 часот по средноевропско време на 12 октомври. Податоците за жртвите и штетите се дополнуваат.
Дополнет на 12 октомври со новата објава на амбасадорката Дир во 11:51 часот.













