Маја Ивановска
Вчера ЦИВИЛ одржа прекрасна дебата, со спремни гости, убави поенти, доста различни видувања, но сепак со заедничка порака дека говорот на омраза мора да запре!
Иако голем дел од дискусијата ја посветивме токму на медиумите, нивната работа и влијание, и оние малку медиуми коишто се одважија да дојдат и да го покријат настанот, се чини дека многу малку или воопшто не слушнале ни збор од целата дискусија. Без разлика што темата на настанот не соодветствува со она за што се пишува во оваа содржина, сепак, низ неа се провлекува онаа тенка линија за (не)почитување на основните новинарски правила, независно од тоа која е темата.
Овој пат ќе пишувам за вчерашниот прилог на ТВ Алсат М, иако вакви примери досега сме забележале и од ТВ24 и Телевизија Телма кои на сличен начин „покриле“ некои од настаните на ЦИВИЛ.
Секој кој влегол во новинарството, без исклучок, знае за петте неопходни прашања кои треба да бидат одговорени за една информација да биде пренесена како вест. Или, доколку не знае, треба во најмала рака да биде коригиран од уредникот, кој и не би можел да стигне до таа функција, доколку не ги знае „златните правила на веста“.
Да се направи двеминутен видео прилог од настан кој го организира организација од која редакцијата и новинарот добиле уредна покана, без воопшто да наведеш каде зборуваат говорниците кои се присутни во прилогот и кој е организатор на настанот за кој си посветил две минути во централниот дневник, не само што е крајно непрофесионално и неетички, туку е и ужасно безобразно! Притоа, снимаа од првата до последната минута на настанот.
Знам дека е малку здодевно да се пишува на оваа тема која во себе не содржи актуелности за дневно-политичката атмосфера во општеството, но токму ваквиот „новинарски“ пристап е една од причините за состојбата во која се наоѓаме. Исто така, знам за новинарското его и какви сѐ реакции може да следуваат кога станува збор за критика на сметка на новинарската работа, но навистина е доста! И со аматеризмот, како и со новинарството, се претера!
Фотографија: Биљана Јордановска
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.